Започнува безготовинско наплаќање за транспортни дозволи

Од:

Македонските превозници од денеска ќе аплицираат електронски за дозволи и со платежна картичка да ја платат административната такса и документите што ги издава Секторот за патен сообраќај во Министерството за транспорт и врски.

„Со новиот систем се овозможува странката било да аплицира на лице место во Министерството или претходно по електронски пат, системот автоматски да го информира колку дозволи има добиено, да дојде во Министерството и да плати со картичка и да ја подигне дозволата“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.

Тој најави дека од следниот четврток ќе се воведе и виртуелен ПОС терминал, со кој транспортните компании ќе може да аплицираат а транспортни дозволи од дома и да го извршат и плаќањето од дома, електронски.

Претседателката на здружението на превозници МАКАМТРАНС, Билјана Муратовска, укажа дека со овој софтвер ќе заштедат време и транспортните компании од внатрешноста на Македонија.

„Во транспортот времето е пари, така што можноста да се земат овие транспортни дозволи и да се аплицира или плати од седиштето на фирмата, а да се дојде тука само да се подигнат, навистина претставува голем чекор. Не секогаш знаеме каде треба да одиме и планираме, а во оваа огромна конкуренција што ја имаме од превозници од Европа, чекањето за дозвола значи и губење на работа“ изјави Блијана Муратовска од Здружението на превозници МАКАМТРАНКС.

На годишно ниво се издаваат околу 70 илјади поединечни транспортни дозволи, 4 илјади сертификати, илјада лиценци за превоз на патниците или стока и околу 500 дозволи за превоз на патници. Административната такса од 2007-ма година изнесува 300 денари.