Пратеникот од ДУИ Артан Груби до албанската опозиција порача дека тие се слуги на измамници кои не му мислат добро на народот.
„Каде бевте во 2002 год. кога ние се боревме за правата на Албанците. Никаде ве немаше, вие сте обични кукавици. Имавте една можност да покажете храброст, но и таа ви пропадна. Ве истепаа, во ова Собрание, зашто сте кукавица, затоа што ги оставивте на цедило вашите луѓе. Затоа ќотекот го изедовте. Во ова Собрание имаме скандалозна опозиција, која зборува на празно, без никакви дела. Вие можеби имате некои поддржувачи, но завршено е времето на Византија и Рим да ве потсетам, ќе дојде време кога ќе ви откажат Рим, Белград, Истанбул… Џабе ви е тоа. Народот го поддржува и препознава ДУИ, како единствена опција која граѓаните ги води напред“, изјави Груби.
Тој се пофали дека се што ветиле, оствариле – промената на Уставот, Законот за јазиците, изборот на консензуален претседател, Албанец претседател на Собранието, празнувањето на 22 ноември како Ден на албанската азбука. Додаде и дека ДУИ ќе настојува да се донесе законот за ветинг, кој треба да биде пред пратениците следната недела.
На крајот од обраќањето Груби донесе спреј и му порача на Зијадин Села дека ако е дозволено кој што сака да прави, да го испрска спикерот Џафери со него, по изјавата на Села дека ако полицијата продолжи да приведува лица за цртaње графити, дека тој лично со спреј над главата на претседателот нa Сoбранието ќе напише „доле ДУИ“.