[staff name=”Мики Трајковски” position=”Автор”][/staff]
Директорот на Охридски комуналец и член на СДСМ од Охрид, Сашо Алчев тврди дека во неделата во Куманово бил нападнат од страна на две лица вработени во МВР, кои во моментот на инцидентот не биле облечени во униформи. Вели дека цела среќа е што се спасил и што не се случило поголема трагедија.
„Јас бев нападнат од страна на две лица кои веќе и се познати на полицијата. Тие лица се вработени во МВР што му дава посебно лош впечаток на целиот тој настан. Благодарам на господ што сега сум добар, бидејки не беа погодени некој витални органи. Во интерес на истрагата нема да откривам повеќе детали и очекувам дека полицијата ќе си ја сработи работата. Се надевам дека во Македонија повеќе нема да бидат напаѓани луѓе особено не од лица кои треба да го спроведуваат јавниот ред и мир. Тие лица беа во цивил , но ги покажуваа значките кога обезбедувањето се обиде да ја смири ситуацијата“, вели Алчев.
Алчев вели дека не може да потврди на која партија припаѓале тие лица и во кое својство биле присутни за време на конвенцијата на СДСМ во Куманово.
„Инцидентот немаше врска со настанот и со конвенцијата на опозицијата. Тој се случи надвор од местото каде се случуваше целиот настан. Јас сакам да кажам и да демантирам дека на никој ниту должам пари и услуги и дека понатаму она што го работам како директор на Охридски комуналец ќе го работам совесно и дека никакво заплашување и притисок нема да го смени моето мислење околу работењето на Јавното претпријатие“, рече Алчев.