Актуелниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, доби кривична пријава од Управата за финансиска полиција, затоа што во текот на 2015 година ја злоупотребил службената должност и овластувањето. Цветковски зел кредит од банка во износ од речиси 140 милиони денари, а притоа склучил договор за залог на имотот на претпријатието во вредност од над 294 милиони денари, без да добие согласност од Собранието. Имотот, како што соопштија на денешната прес-конференција на финансиската полиција, бил околу 154 милиони денари поголем од вредноста на кредитот.
Кривична пријава има и за вршителот на должност, претседател на Управниот одбор на „Те-То“ АД Скопје, кој во 2018 година го пречекорил своето службено овластување бидејќи без дозвола поднел барање за стечај за реорганизација на компанијата и со тоа ѝ се нанела штета на „Топлификација“ АД Скопје од над 721 милион денари.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, заработил кривична пријава бидејќи од 2010 до 2017 не презел мерки за наплата на побарувањата по основ на извршени услуги и фактури. Со тоа директорот овозможил да застарат долговите во износ од речиси 41 милион денари.
Управата за финансиска полиција до надлежните јавни обвинителства, како што информира нејзиниот директор Арафат Муареми, во периодот од 1 јануари 2019 до 20 јуни 2019 поднела 28 кривични пријави против 51 физичко лице и 28 правни субјекти за сторени 48 кривични дела, кои го оштетиле буџетот со повеќе од 8 милијарди денари.