Со влез во ЕУ, Словенија го достигна дното на Европа

Од:

Словенија во поранешна Југославија имаше привилегиран пристап до пазарот од 20 милиони луѓе, но по отцепувањето и влегувањето во Европската унија го достигна дното на Европа во економска и политичка смисла, оцени за Радио Телевизија Србија словенечкиот социолог Растко Мочник.

Според неговите зборови, Словенија е сега југот на Европа, неразвиена како што се Шпанија, Португалија и Грција.

– Во традиционалната европска конструкција, која имаше за цел да се создаде заедничка економија на исто ниво и да го подигнува стандардот на неразвиените земји, поради глобалната економска криза тој концепт е променет – тврди Мочник.

Како што објасни, ЕУ сега функционира како колонија во која развиените економии, како што се Германската, Француската и скандинавските земји, имаат привилегиран пристап во медитеранските земји, додавајќи дека Словенија денес е германска колонија.

– Можете да ја погледнете статистиката. Нашиот привилегиран партнер во надворешно-трговската размена е Германија, размената е нееднаква. Значи ново произведената вредност оди од Словенија во Германија – тврди Мочник.

Владата на ЕУ тој ја оцени како комесарска, која не е под демократска контрола, додавајќи дека Словенија не е значајна политичка сила во таква заедница.

– Една држава со два милиони и со не баш силна економија, со економија која пропадна во последните 10-15 години, не може да го турка своето во Брисел. Типичен став е дека словенечката индустрија стана подизведувач на големите транснационални компании со седиште во Германија или Франција – вели Мочник.

Како што предвидува Мочник, во Европа ќе дојде до конфликт помеѓу развиените капиталистички земји со вишок на капитал и неразвиените кои го бараат капиталот. Според неговите зборови, капиталот доаѓа само за да создаде профит, односно да “донесе една прилично брутална експлоатација”, поради која неразвиените земји порано или подоцна ќе дојдат во ситуација да побараат европска алтернатива.

Според неговото мислење, сегашна Европа создава проблеми кои не може да ги реши на прифатлив начин, туку тоа го прави брутално, како што верува, води кон опасни ситуации и револт на луѓето, а сега кој ќе има корист од овој револт е отворено прашање.

Излезот од економската криза Мочник го гледа во ставање на финансискиот пазар под контрола, за што е потребен “силен, меѓународен, глобален играч”, односно Европската унија.

– Таа е доволно силна и економски и политички за да може да влијае на светскиот финансиски пазар – смета Мочник, додавајќи дека тоа не може да го направи секоја земја одделно, како Германија или Франција.

Говорејќи за исчезнувањеѕо на Југославија, Словенечкиот социолог како главен виновник за распадот на поранешна Југославија го одбележа уставот од 1974 година, истакнувајќи дека парламентарната демократија во доцните 80-ти, повеќе не би можела да функционира во тогашната држава, бидејќи сите политички сили веќе биле групирани на национално ниво.

Како што објасни, ситуацијата да беше нормална, словенците кои го напуштија последниот конгрес на Сојузот на Комунистите на Југославија во Белград во 1990 година, одма би отишле во Загреб, Скопје, Сараево и Титоград да бараат сојузници и да создадат политичка алтернатива, но тоа не беше направено, бидејќи во тој момент, “веќе не беше возможно да се организира политичка сила на федерално ниво”, што, како што рече, е услов една Федерација да функционира.