ВМРО-ДПМНЕ го реафирмира ставот дека нема одложување на терминот за локалните избори, ниту можност за предвремени парламентарни кои ги бара опозициската СДСМ.
– Не постои можност за каков било политички договор за предвремени парламентарни избори, ниту постои можност за прифаќање на какви било уцени од страна на СДСМ. Не постои можност за одложување на датумот 24 март 2013 година, кога е предвидено одржување на редовните локални избори, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на изјавата на потпретседателот на СДСМ Зоран Заев.
Сите други идеи, велат, за надминување на кризата создадена од СДСМ, а планирана од нивна страна уште од јуни, во кои не се содржани овие две точки, ВМРО-ДПМНЕ внимателно ќе ги анализира и ќе се произнесе.