Специјалци од Единицата за специјална поддршка на Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина – СИПА денеска почнаа ултрамаратонска трка од Сараево до Ротимље по повод деветгодишнината од загинувањето на претседателот на Македонија, Борис Трајковски кај Мостар.
Делницата долга 170 километри, шестмина специјалци ќе ја трчаат штафетно во четири етапи до 26 февруари. Учесниците на маратонот на стартот пред седиштето на Државната агенција за истрага и заштита ги поздравија амбасадорот на Македонија во БиХ, Рами Реџепи и директорот на Агенцијата, Горан Зубац, кои истакнаа дека станува збор за гест кој ги проблабочува пријателските врски меѓу народите на БиХ и Македонија.
Цел на денешната прва делница од ултрамаратонот ќе биде на Брадина. Утре е предвидено да се трча делницата од Брадина до Јабланица, а на 25 февруари, делницата од Јабланица до Мостар. Четвртата, воедно и последна делница, од Мостар до Ротимље, каде на 26 февруари во авионска несреќа загина македонскиот претседател Борис Трајковски, специјалците ќе ја трчаат ден подоцна, а на местото на несреќата членови на семејствата, пријатели, соработници и почитувачи на Трајковски ќе положат венци.
– Инаку, новата истрага за авионската несреќа во која во 2004 година загина Трајковски ќе трае од шест месеци до година дена и ќе ја води меѓународен тим составен од стручњаци од БиХ, Србија, Хрватска и Македонија, најави претходно во Скопје, главниот истражител Омер Кулиќ.
Поранешниот македонски претседател, шест членови на македонската делегација која тргна на меѓународна конференција во Мостар и двајца членови на екипажот, загинаа, како што е утврдено со првата истрага, откако авионот удрил во блиската планина поради пилотска грешка.
Истрагата за утивањето на авионот е повторно отворена во декември минатата година на барање на Македонија, откако македонското МВР и Министерството за сообраќај на БиХ собраа нови материјални докази. Меѓу членовите на истражниот тим ќе бидат воздухопловни инжинери, пилоти, контролори на летање и други воздухопловни стручњаци.
Во рамки на истрагата, планирано е, меѓу другото, да се направи и симулација на кобниот лет со ист тип авион, а ќе бидат вештачени и инструментите од авионот кои се калибрирани во Белград, како и авиосервис во Германија каде „Кингерот“ бил сервисиран.