ДИК: Одѕивот до 18:30 часот 39,71 проценти

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека одѕивот на првиот круг од претседателските избори до 18:30 часот изнесува 39,71 проценти, односно на гласање излегле 700.000 гласачи од обработени 91,54 проценти од гласачките места.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски нагласи дека од обработени 91% од гласачките ливчиња значи дека гласале околу 662 илјади, односно во апсолутна бројка над 700 илјади.

Како општини со најголем одѕив до 18 и 30 часот, Дерковски ги посочи: Аеродром 46 отсто; Гевгелија 58; Ѓорче Петров 44,50; Kавадарци 53; Карпош 49; Новаци 60,19; Прилеп 55; Ранковце 61 отсто…

Помала излезност e забележана во Сарај 20,70 отсто и Боговиње 17 проценти.

Покрај претседателските, во Охрид, Ново Село и во Дебар се одржуваат и избори за градоначалник. Таму, како што рече претседателот на ДИК, излезноста е приближно иста како на последните локални избори од односно во Дебар 42,07; Ново Село 47,46 и Охрид 49,36 %.

„Сметам дека со исклучок на едно место кое не беше отворено утринава, денов помина добро и се надевам дека до крајот ќе биде мирна атмосферата и дека многу брзо ќе ги добиваме резултатите за тоа каква одлука донеле грѓаните“, рече Дерковски.

Тој наведе дека доцна попладнево пристигнале уште 4 приговори, дополнително од претходните 10, од кои еден е прифатен во Кавадарци.

Галена Николовска-Ризвановиќ