Силјановска: Страшно се разочарав што денеска не ја чувме химната

Од:

Гордана Силјановска Давкова, кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ денеска од Струга изјави дека многу се разочарала кога на средбата меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас не била пуштена македонската химна, бидејќи доцнел авионот на грчкиот премиер.

„Да потсетам сета македонска приказна е во химната, во борбата за правдините, ама денеска премиерот всушност го прекрши законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со двотретинско мнозинство, закон во кој што се вели дека било каква официјална средба уште на аеродромот и пред Владата и пред било кој орган мора да се емитуваат, да се чујат химните на двете држави. Не ми се верува. Кога пред неколку месеци се коваше, кога се носеше Преспанскиот договор реков дека следното што ќе биде на удар ќе биде химната, а ве потсетувам на химна се плаче, пред химна се стои простум, со химна се победува, со химна се радува. Не, ние ја немавме денеска таа можност барем преку химната да покажеме дека сме нормална, рамноправна држава, оти држава без химна нема важен симбол“, рече Силјановска Давкова пред стружани.

Таа рече дека „не може да вети дека доколку биде избрана за претседател, веднаш ќе поништи се“.

„Не, тоа не може ни кралица, ни крал. Но, што ќе ветам, дека оние што се одважија по светот а тоа се врвни професори по меѓународно јавно и уставно право, ќе ги повикам за совет. Впрочем ние и ги имаме нивните совети. Вие многу од нивните мислења прочитавте, оти ним им е поважно знаењето, правото и правдата од политиканството. Ќе направиме стратегија, ама за да ја спроведеме стратегијата, прво треба да победиме на претседателските избори, тоа ќе значи почеток на крајот, делигитимирање на нивните политики“, изјави Силјановска Давкова.

Тоа, според неа ќе биде вовед во парламентарни избори, „на кои се знае кој ќе победи“.

„Тие го потрошија времето само на една најтешка во нашиот живот промена. Промената на името, но тоа не е успех, тоа е пораз. Но, тие немаат право да потпишат пораз во наше име“, рече таа.

Силјановска Давкова пред стружани изјави дека ќе именува најдобри правници во Уставниот суд, најстручни луѓе во Советот за безбедност, најкавалификуван гувернер, ќе доделува одликувања само на најумните, а вето ќе става секогаш кога Уставот ќе биде прекршен.