Активистката за заштита на животната средина Зузана Чапутова е избрана за прва жена претседател на Словачка.
Словачкиот статистички завод соопшти дека Чапутова врз основа на 51 проценти изброени гласови освои 58 отсто, додека нејзиниот противкандидат Марош Шефчович добил 42 проценти од гласовите.
Шефчович, кој е потпретседател на Европска комисија, изјави дека и се јавил на Чапутова и и ја честитал победата.
Чапутова речиси и да нема никакво политичко искуство, а кампањата ја водеше како „битка меѓу доброто и злото“. Претседателските избори во Словачка се одржаа по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куциак во февруари минатата година. Куциек го истражуваше организираниот криминал кај словачките политичари.
Чапутова изјави дека по овој трагичен настан, решила да се кандидира за претседателка на државата.
Таа претходно работела како адвокат. Има 45 години, разведена е и мајка на две деца. Чапутова е член на либералната Прогресивна партија на Словачка, која нема пратенички места во Собранието.