За состојбите со игрите на среќа

Од:

Барањата на движењето „Антикоцкање“ од Тетово беа мотив плус за нашата јавноста да се заинтересира за фактичката состојба со обложувалниците и казината. Жестоките противници на сегашниот модел на организирање игри на среќа, бараат од владата, во новиот закон, кој подолг период е во подготовка, казината и обложувалниците да се дислоцираат од непосредна близина на училиштата и станбените објекти, со образложение дека тоа лошо влијае врз младата популација. Владата искажа подготвеност да ги слушне аргументите и преку дебата да донесе ново законско решение. Од она што може уште од сега да се предвиди е дека министерството за финансии од една страна нема намера да се откаже од сериозниот прилив во буџетот од оваа дејност, а од друга страна ќе го заштити општествениот интерес. Веројатно е дека компромисот ќе се изнајде некаде на средина.

Во државата постојат повеќе форми на организирање игри на среќа. Спортските обложувалници се еден вид, автомат клубовите и казината се друг вид и третата категорија е видео лотаријата и т.н. VLT апарати. Во оваа дејност вкупно се вработени околу 7.500 лица. Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС, во чија групација спаѓаат: казино „Фламинго“ хотел, Адмирал, Апекс и Астра казино, јавно декларираа дека не се против дополнителна регулација на овој бизнис. Како носители на светски познати и реномирани франшизи од овој бизнис, тие уверуваат дека во нивните објекти е задолжително да се имплементирани сите највисоки стандарди на ЕУ. Во својата кампања „100 % законски“ посочија дека во нивните објекти влегуваат најмногу 3 % од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Напоменуваат дека минатата година доставиле свои предлози – амандмани за подобрување на предложениот законски текст за игри на среќа. Главниот фокус на нивната кампања е дека кај нив е се законски и дека секој нивен апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Најстрого е забрането да влегуваат малолетници.


Инволвираните во овој бизнис тврдат дека доколку се направи мини анализа на состојбите во регионот, дури и постоечката регулатива во Македонија е најстрога на Балканот. Албанија во 2019 со закон донесен во 2018 ги забрани и затвори спортските обложувалници и казина, дозволувајќи само „on-line“ играње. После 2 месеци од затворањето на објектите во Албанија, првичните анализи упатуваат на тоа дека потенцијалот за нелегално коцкање или отворање на т.н. диви коцкарници е зголемен. Актуелната политичка криза во Албанија ја спречува објективизацијата на вистинскиот ефект од забраната и колку таа влијае позитивно врз младата популација.

Од друга страна Грција е своевиден феномен кога станува збор за игрите на среќа. Имено, децении наназад во Грција беа забранети објектите за игри на среќа. Бројот на казина на целата нивна територија не надминува 7, кои претежно беа насочени кон туристите. Но, тоа сепак не ги спречува Грците да играат. Податоците укажуваат дека меѓу 3 и 5 илјади Грци дневно ја поминуваат границата и ги посетуваат казината во Гевгелија. Овие податоци веројатно ги принудија Грчките власти да ја менуваат ригидната политика и со нов закон во 2018 дозволија нивната државна лотарија да отвора казина и автомат клубови.

Дел од вклучените во овој бизнис, кој сеуште не сакаат да говорат официјално, срамежливо изразуваат сомневање и не исклучуваат дека е можно зад реакциите за сегашните локации во кои се сместени обложувалниците и автомат клубовите, да се затскриени нечии бизнис интереси. Потсетуваат дека Македонија веќе еднаш ја тресеше аферата „Детонатор“ во која полицијата тогаш во неколку градови на истокот заплени околу 1000 покер апарати кои беа доказ дека се одвивале игри на среќа на црно, во кој големи профити завршувале во џебовите на тогашни локални моќници.

Посетивме неколку места во источна Македонија меѓу кои и регионот околу градовите Пехчево и Берово каде забележавме дека се поставени VLT апарати во ресторани, кафетерии, обложувалници и други недефинирани објекти. Во објект во Владимирово стои назнака дека се работи за продавница за автоделови, а на прозорите има налепници од VLT corner, додека на влезната врата има налепница од Државна видео лотарија на Македонија. Во друг објект во Будинарци се залепени истите VLT corner налепници и налепница од Државна лотарија на Македонија.

Според последните информации бројот на поставени VLT апарати во Македонија веќе достигнува до 2000. Инаку, овие апарати ги поставува Државна видео лотарија, компанија во која доминантен, мнозински сопственик е Државната лотарија на Македонија, а остатокот на капиталот е на странска компанија. На социјалните мрежи се појавува реклама за VLT corners.mk, компанија која во име на Државната видео лотарија на Македонија & Casinos Austria поставува VLT-видео лотариски терминали низ државата.

Несомнено дека државните институции мора да воведат ред и идентични правила за сите приредувачи на игри на среќа. Без компромис, највисоките стандарди треба да се имплементираат во сите видови игри на среќа. За жал, се добива впечаток дека се повторува една состојба од 90-те години од минатиот век, каде речиси во секое кафуле имаше и покер апарат кои беа на лесен дофат на младите. Нема никакви дилеми дека и за казината, автомат клубовите, спортските обложувалници, но и за VLT игрите на среќа мора да важат исти правила.