Тимерманс предупреди за можна коалиција меѓу ЕПП и крајната десница

Од:

Потпретседателот на Европската Комисија и кандидат на социјалдемократите за претседател на ЕК по мајските избори, Франс Тимерманс предупреди дека глас за Европската народна партија на мајските избори може да доведе до коалиција со крајната десница.

За време на неговата посета на Италија вчера кандидатот за шеф на ЕК, Тимерманс порача дека доколку добие можност да седне на претседателското столче, тој исклучува секаква коалиција со екстремната десница, но дека се сомнева дека центар-десната ЕПП ќе го стори истото.

-Никогаш нема да склучам договор со крајната десница за да станам претседател на Европската Комисија, но граѓаните на ЕУ, Италијанците треба да знаат дека ако гласаат за центар-десницата постои ризик да се најдат во коалиција со крајната десница, рече Тимерманс на конвенцијата на италијанските социјалдемократи во Рим.

Според предизборните анкети, иако ЕПП се очекува да остане првата политичка партија во следниот Европски Парламент, таа ќе изгуби гласови во корист на крајно десните и евроскептичните партии, што може да ја наведе да прифати коалиција со некои од овие партии, како полската „Правда и праведност“ на Качински.

Тимерманс потсети дека во ЕПП членува унгарскиот премиер Виктор Орбан, и го критикуваше кандидатот на ЕПП за претседател, Германецот Манфред Вебер, кој избегнува да го критикува неговиот унгарски сопартиец.