Утринава се случи тешка сообраќајна несреќа во Салцбург, кога тролејбус удри во зграда во градската населба Ицлинг.
Тролејбусот на компанијата Салцбург Линиен, кој сообраќаше на линија 6, удрил директно во зградата во која се наоѓа супермаркетот Била Плус. Едно лице го загуби животот.
Дополнително, има и потешко и полесно повредени лица. Екипи на Црвениот крст, пожарникари и полиција се на терен, а поставен е и заштитен екран, објави австриски Кронен Цајтунг.
Причината за несреќата засега е непозната. Не е јасно што предизвикало тролејбусот да го напушти кружниот тек и да удри во супермаркетот.
Пожарникарите во моментов работат на извлекување на возилата од објектот, додека екипите на Црвениот крст лекуваат голем број повредени.
Се проценува дека се повредени помеѓу 25 и 30 лица.
