Поправката на штетите предизвикани од над тригодишната војна Украина ќе ја чини над трилион долари во период од 14 години, изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал на конференцијата за реконструкција на земјата, одржана во Рим, јави ДПА.
Во говорот на конференцијата, остварен преку видео врска, Шмихал рече дека Украина разгледува можност за создавање два фонда во износ од околу трилион долари.
Едниот фонд ќе биде администриран од Киев и ќе треба да биде финансиран од руски средства запленети во странство во вредност од 540 милијарди долари, додека вториот во вредност од 460 милијарди долари ќе биде полнет од приватни инвеститори, рече тој.
Шмихал, пренесе ДПА, ги повика сојузниците на неговата земја да издвојат дополнителни средства за покривање на дефицитот во украинскиот буџет за годините 2026 и 2027 година.
– Во услови на мир и без производството на оружје, одржувањето на украинската армија чини околу 50 милијарди евра (58 милијарди долари) годишно, рече тој, додавајќи дека Украина сега половина од овие средства го обезбедува од Европската Унија.
Украина се бори против целосна руска инвазија од февруари 2022 година.