Израел снабдува оружје за џихадистичката група во Појасот Газа поврзана со Исламската држава, изјави денес претставникот на опозицијата и поранешен министер за одбрана Авигдор Либерман, пренесува Хаарец, додавајќи дека канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху одговорила дека Израел „се бори против Хамас на различни начини“.
Во интервју за јавното радио Кан Бет, Либерман рече дека Нетанјаху, исто како што го поддржувал Хамас како противтежа на Палестинската самоуправа, сега помага во воспоставувањето нови вооружени сили за противтежа на Хамас.
Либерман изјави за радиото дека станува збор за групата Абу Шабаб, вооружена банда која се спротивставува на Хамас.
„Израелската влада дава оружје на група криминалци и осуденици кои се идентификуваат со Исламската држава, по наредба на премиерот. Колку што знам, ова не е одобрено од кабинетот“, нагласи Либерман.
Минатата недела, два извори за „Хаарец“ изјавија дека нова милиција неодамна започнала да дејствува во јужниот дел на Појасот Газа, велејќи дека е поврзана со човек кој се идентификувал како Јасер Абу Шабаб.