Бројот на повредени во рускиот напад на украинскиот град Суми се искачи на 106, соопшти денеска градскиот совет.
Се додава дека меѓу ранетите има 83 возрасни и 23 деца, пренесува Укринформ.
Претходно беше објавено дека во нападот се повредени најмалку 94 лица.
Во рускиот напад беа оштетени 73 објекти, од кои 12 нестанбени, 36 станбени згради и 25 приватни станбени објекти. Освен тоа, оштетени се четири автомобили, како и стотици прозорци и балкони.
Во соопштението се наведува дека регионалното обвинителство покренало предкривична истрага за воени злосторства спроведени од истражители на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во регионот Суми.
Украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека континуираните руски напади покажуваат дека Москва сака да го продолжи својот „терор“ и покрај делумното примирје договорено минатата недела.
„Украина се стреми кон мир, а Русија уште еднаш покажува дека сака да продолжи со теророт. Меѓународната заедница мора да го зголеми притисокот врз Русија да ја запре агресијата и да обезбеди правда и да ги спаси животите на Украинците“, рече Шмихал на платформата X.
Тој истакна дека денеска Русија ја нападна цивилната инфраструктура во Сума, при што во нападот беа оштетени станбени згради, а во руското гранатирање има и повредени, меѓу кои и деца.
Шмихал изјави дека единиците на Државната служба за вонредни состојби се на терен.