Францускиот премиер Франсоа Бајру изјави денеска дека однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп кон украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот е „покажување на бруталност“ со цел негово понижување.
Во саботата Макрон рече дека „по иритацијата (на средбата меѓу Трамп и Зеленски) сите треба да се вратат на смиреност, почит и прифаќање, за да можеме да постигнеме конкретен напредок, бидејќи она што е во прашање е премногу важно“.
„Во петокот вечерта, во Овалната соба на Белата куќа, пред камерите на целиот свет, се одвиваше неверојатна сцена, обележана со бруталност, желба за понижување, со цел да се натера украинскиот претседател Володимир Зеленски да им се поклони на заканите“, рече Бајру.
„Претседателот Зеленски не попушти и мислам дека можеме да му покажеме дека го цениме тоа“, додаде тој.
Бајру ова го изјави во Собранието каде пратениците му аплаудираа.