(ВИДЕО) Во Сараево седми протест поради трамвајската несреќа

Од:

Во Сараево денеска се одржа седмиот граѓански протест поради излетувањето на трамвајот од шините што ја урна постојката на 12 февруари, кога загина 23-годишниот студент Ердоан Моранкиќ, а тешко повредена е 17-годишна средношколка која остана без нога.

Демонстрациите на неколку илјади граѓани, меѓу кои голем број студенти и средношколци, започнаа во 12 часот пред Националниот музеј на Босна и Херцеговина.

Учесниците на протестот, меѓу другото, бараа објавување на имињата на одговорните лица и конкретни мерки, вклучително и рокови за решавање на проблемот со трамвајскиот превоз.

Демонстрантите го блокираа сообраќајот на неколку места во Сараево, а во поворката извикуваа: „Крадци, крадци!“, „Сите за еден, еден за сите!“, „Вашите раце се крвави!“, а минувајќи покрај Обвинителството на Сараевскиот кантон, извикуваа „Дали избирате правда или соучесништво?“, „Обвинители, излезете!“.

Колегите на настраданиот студент Ердоан Моранкиќ од Академијата за уметности во Сараево се придружија на денешниот протест, некои со црни превези за очи.

Пленумот на студентите на Факултетот за политички науки во Сараево посочи дека бараат фер и транспарентен процес во случајот со оваа несреќа, како и одговорност на сите оние кои придонеле за тоа.

За време на протестот, зборуваа и родителите на децата кои починале во изминатите години поради, како што наведоа, системски грешки.

Денешниот протестен митинг беше обезбедуван од голем број полицајци, но не се регистрирани инциденти.