„Шест месеци ЈО е во зимски сон. Шест месеци нема ниту едно покренато обвинение за ниту еден случај на сериозен криминал и корупција за репрезенти од СДС и ДУИ кои со години ги ограбуваа институциите. Иако во јавноста преку медиумите излегоа мноштво докази, ЈО не мрдна со прст, а институтот отворање на предмет по допрен глас очигледно е мисловна категорија“ рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според него, „Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, наместо да почне да ја работи работата за која е платен продолжува со оправдувања“.
„Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не работата на обвинителите под него. Само тој и обвинителите бирани во Струмица и Зајас може да не постапуваат по наводите за криминал во РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, ТЕЦ Неготино, Државна Лотарија, ЈПДП, Министерството за здравство и другите институции за кои дури и медиумите изнесоа голем број сознанија за милионски криминали. Само Љупчо Коцевски и обвинителите бирани во Струмица и Зајас не гледаат криминал во Онкологија, набавките на мазут, јаглен и гас, нивите купувани вдолж трасата за автопатот Скопје – Блаце“ вели Петрушевски.
Пратеникот е дециден – „ЈО на чело со Љупчо Коцевски наместо да го санкционира криминалот функционира како негов чадор“.