Владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска најави одлучен одговор на немирите меѓу младите што избија во Милано за време на викендот.
За новите мерки треба да се разговара на владина седница, по состанокот за безбедност одржан во кабинетот на премиерката во палатата Киџи во Рим, изјавија извори од италијанската влада.
🇮🇹 Rioters turn Piazza del Duomo into a battleground
In Milan, several hundred masked and hooded rioters focused on the iconic Piazza del Duomo, turning the commercial center into a battleground: smashing cars, kicking in shop windows, and clashing with police. https://t.co/sL0WRfg2aV
— Visegrád 24 (@visegrad24) October 19, 2026
Изворите наведуваат дека се разгледуваат опции за заострување на безбедносните мерки, вклучително и одредби што веќе се предвидени во нацрт-законот за безбедност, кој се наоѓа во процедура во италијанскиот Сенат, пренесува агенцијата „Анса“.
Се очекува Владата да подготви посебен пропис за итно воведување нови безбедносни мерки, за што би можела да одлучи уште утре.
Меѓу предложените мерки е проширување на можноста за превентивен притвор за малолетници, кои ѝ се познати на полицијата како престапници, пред јавни собири за кои се проценува дека би можеле да прераснат во насилство.
Исто така, се разгледуваат и посебни мерки насочени кон млади луѓе со потекло од Северна Африка, познати како „маранца“ (maranza) – термин што во Италија се користи за одредени групи млади поврзани со улично насилство и проблематично однесување.
Десничарската партија „Лига“, предводена од заменик-премиерот и министер за транспорт Матео Салвини, денеска предложи измени на законот за државјанство. Со овие измени би им се оневозможило на младите луѓе со мигрантско потекло, кои се осудени за уништување имот за време на немирите, да аплицираат за италијанско државјанство на 18-годишна возраст – можност што им е достапна според сегашните прописи.
Немирите во Милано траеја во текот на викендот, а причинетата материјална штета се проценува на повеќе од половина милијарда евра.
Насилството започна на маргините на протестите против зголемените трошоци за живот, а потоа продолжи кога групи млади луѓе – многумина од нив маскирани и облечени во црно – почнаа да кршат излози, да ограбуваат продавници и супермаркети и да се судираат со полицијата, фрлајќи камења, шишиња и факели кон припадниците на органите на редот.
Според достапните податоци, приведени се повеќе од 200 лица, од кои околу 80 отсто се малолетници.
Италијанскиот претседател Серџо Матарела го осуди насилството, оценувајќи го како неприфатливо, и изрази целосна солидарност со полицијата.
„Безбедноста на нашите општини и градови мора да биде загарантирана, а секаков вид насилство на тие места е неприфатлив. Изразувам целосна солидарност со припадниците на безбедносните сили“, изјави Матарела на отворањето на 39-тото Национално собрание на италијанските провинции.
Тој додаде дека е неопходно детално да се анализираат немирите, земајќи ја предвид појавата на нови актери и нови форми на насилство.
