Папата Лав XIV денес ги отфрли критиките на претседателот Доналд Трамп кон него, кои следеа по неговите изјави за војната меѓу САД и Израел во Иран, велејќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши од администрацијата на Трамп.
„Да ја ставам мојата порака на исто ниво со она што претседателот се обиде да го направи тука, не мислам дека покажува разбирање на пораката на Евангелието“, изјави папата за АП.
„Жал ми е што го слушам тоа, но ќе продолжам со она што го сметам за мисија на Црквата во денешниот свет“ порача тој.
Првиот папа роден во САД нагласи дека не упатува директен напад врз Трамп или врз некој друг со неговите општи апели за мир и критики за „илузијата за семоќ“ за која рече дека ја поттикнува војната во Иран и другите конфликти низ целиот свет.
Во неделата вечерта, Трамп упати исклучително остар напад врз папата Лав XIV, велејќи дека не мисли дека американскиот поглавар на Католичката црква „врши многу добра работа“ и дека е „многу либерална личност“.
Папата не ги спомена САД или Трамп по име, но неговиот тон и порака се чинеше дека се насочени кон Трамп и американските функционери, кои се фалат со воената супериорност на САД и ја оправдуваат војната со религиозни аргументи.
Лав – кој денес треба да замине на 11 дневна посета на Африка – претходно рече дека Бог „не ги слуша молитвите на оние што војуваат, туку ги отфрла“.
