Кевин Киган, еден од најголемите фудбалери во историјата на Англија и поранешен селектор на националниот тим, почина на 76-годишна возраст по повеќемесечна борба со рак на желудникот.
Тажната вест ја потврди неговото семејство, наведувајќи дека легендарниот напаѓач последните мигови ги поминал опкружен со своите најблиски – сопругата и ќерките.
Поранешниот ас на Ливерпул, Хамбург и Њукасл ја загуби битката со рак на желудникот во четвртиот стадиум, болест која му беше дијагностицирана на почетокот на годината.
Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот долгогодишен пријател Питер Грејвс.
– Со голема тага објавуваме дека Кевин Киган почина на 75-годишна возраст. Поранешниот репрезентативец и селектор на Англија водеше тешка битка со ракот, а сопругата и ќерките беа покрај него во последните мигови. Кевин, кој двапати ја освои „Златната топка“, беше сакан сопруг, татко и дедо. Семејството сака да му се заблагодари на медицинскиот тим за несебичната грижа и да замоли за приватност во овој тежок период – изјави Грејвс.
Киган беше хоспитализиран во јануари поради долготрајни проблеми со желудникот, по што деталните прегледи покажаа дека боледува од рак на желудникот во четвртиот стадиум.
Семејството тогаш објави дека легендарниот фудбалер ќе започне со лекување и побара од јавноста да ја почитува нивната приватност.
Во мај, тој последен пат им се обрати на навивачите на настанот „Вечер со Кевин Киган“ во Њукасл, каде што отворено зборуваше за својата болест.
– Ми кажаа дека имаат врвен лекар и нов начин за борба против она што го имам. Станува збор за рак во четврта фаза. Лекарот беше навивач на Ливерпул, па знаев дека нема да бидам сам во оваа борба – изјави тогаш Киган.
Тогаш тој ја изрази и својата желба соодветно да се прости од навивачите на Њукасл.
– Сакам да се простам. Немав можност да го сторам тоа кога последен пат си заминав од клубот – рече Киген.
Кевин Киган остави неизбришлива трага во светскиот фудбал. За време на својата играчка кариера, освои три титули во англиското првенство со Ливерпул, ФА Купот, два Купа на УЕФА и Купот на европските шампиони.
Посебно место во историјата зазема фактот дека тој е единствениот Англичанец кој двапати ја освоил „Златната топка“ (Ballon d’Or) – престижна награда за најдобар фудбалер во светот.
По успешниот период во Ливерпул, тој блесна во германскиот Хамбургер СВ, а потоа настапуваше и за Саутемптон и Њукасл Јунајтед.
По завршувањето на играчката кариера, постигна забележителни резултати и како тренер.
Тој го презеде Њукасл во 1992 година, кога клубот беше пред испаѓање во третиот ранг на натпреварување, а за само две сезони го врати во Премиер лигата. Со „Страчките“ двапати по ред заврши како вицешампион на Англија и беше блиску до освојување на историската титула во 1996 година, кога неговиот тим испушти голема бодовна предност во трката со Манчестер Јунајтед на Алекс Фергусон.
