По повеќе од три децении заедно, се чини дека популарниот шпански фудбалски тренер Пеп Гвардиола и неговата сопруга Кристина Сера се разделија.
Според El Periódic, тренерот на Манчестер Сити и неговата сопруга ја прекинале врската минатиот декември.
Информациите за разводот ги објавија Лаура Фа и Лорена Васкез, водителки на подкастот „Мамараци“. Тие наведуваат дека за разводот биле информирани само најтесниот круг на луѓе, додека било избегнато секакво обраќање до медиумите.
Гвардиола, познат по тоа што го чува својот приватен живот подалеку од очите на јавноста, и овој пат покажа дискреција.
Двојката се запозна во 1994 година, а судбоносното „да“ го кажа во 2014 година на интимна граѓанска церемонија во Матадепера, во близина на Барселона.
И покрај раскинувањето, истиот извор наведува дека нивната врска останала „целосно пријателска, стабилна и срдечна“.
Како доказ за тоа го посочува нивното заедничко патување во театарот минатиот месец, на кое им се придружила и една од нивните ќерки, иако веќе ја донеле одлуката за разделувањето.
Лорена Васкез сподели дополнителни детали за ова изненадувачко разделување во шоуто „Y ahora Sonsoles“. Таа рече дека за разводот се зборува веќе подолго време, но дека не се знае дали Пеп и Кристина го започнале официјалниот процес на развод.
Кристина професионално се занимава со мода. Кариерата ја започна на каталонската телевизија во серијата „El joc de viure“, но набрзо ја замени со светот на модата.
Денес, таа е сопственичка на Сера Кларет, семејна продавница во Барселона, која ја модернизира и прилагоди на современите модни трендови.