Украинскиот натпреварувач во скелетон (зимски спорт во кој целта е да се премине определена патека со специјални санки во што е можно пократко време) – Владислав Хераскевич изјави дека Меѓународниот олимписки комитет (МОК) му забрани да носи кацига со слики од спортисти убиени за време на војната во Украина.
Спорната кацига, која 27-годишниот Хераскевич ја носеше за време на официјалниот тренинг за Зимските олимписки игри во Кортина д’Ампецо, содржеше имиња и фотографии од украински спортисти кои загинаа како резултат на руската агресија.
Меѓу нив се кревачката на тегови, Алина Перехудова, боксерот Павло Ишченко, хокеарот Олексиј Логинов, актерот и спортист Иван Кононенко, скокачот и тренер, Микита Козубенко, стрелецот Олексиј Хабаров и танчерката Дарија Курдел.
Хераскевич, кој го носеше украинското знаме на церемонијата на отворањето на Игрите, рече дека лично е информиран за одлуката на МОК од Тошио Цурунага, претставникот на МОК задолжен за комуникација со спортистите и националните олимписки комитети.
„Оваа одлука едноставно ми го крши срцето. Чувствувам дека МОК ги предава спортистите кои беа дел од олимпиското движење со тоа што не им дозволува да бидат почестени на спортски терен на кој никогаш повеќе нема да можат да стапнат“, рече тој.
Додаде дека МОК дозволи слични гестови во минатото, но дека овој пат, според него, „посебни правила се поставени само за Украина“.
Подоцна за Ројтерс изјави дека забраната се заснова на Правило 50 од Олимписката повелба. Според член 50.2, „никаква форма на демонстрации или политичка, религиозна или расна пропаганда не е дозволена во олимписките арени, објекти или други области“.
Како компромис, МОК одлучи да му дозволи на Украинецот да носи црна лента на рака за време на натпреварот, што беше опишано како „соодветен начин на одбележување“.
Во пресрет на Игрите, Хераскевич објави дека ќе ја користи спортската сцена за да го потсети светот на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно го пофали спортистот за носењето кацига, заблагодарувајќи му што „го потсети светот на цената на украинската борба“.
