Трансферот на албанскиот репрезентативец и фудбалер Рубин од Казан – Мирлинд Даку, во редовите на руски Зенит, според неколку руски медиуми, не бил реализиран поради нефудбалски причини.
Според локални извори, раководството на Зенит одлучило да се откаже од ангажманот поради одредени претходни контроверзии поврзани со Даку, вклучувајќи националистички пораки и тетоважи кои, според медиумите, се поврзани со поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Даку е роден во Гњилане, а претходно го привлече вниманието на јавноста со видеа на кои пее песни по натпревар на албанската репрезентација, што предизвика реакции во регионот. По натпреварот со Хрватска Даку ги пцуеше Македонците и Србите.
Медиумските анализи наведуваат дека една од причините зошто клубот ја повлекол понудата е фактот што српските фудбалери Вања Дркушиќ и Страхиња Ераковиќ моментално играат во Зенит, што можело да предизвика тензии во тимот.
Тренерот на Зенит – Ринат Билјалетдинов, даде коментар за рускиот весник Газета:
„Во Зенит има српска формација – Дркушиќ, Ераковиќ… Можеби е разумна одлука на клубот да го одложи трансферот. Во одреден момент тоа би можело да има негативно влијание врз тимот и затоа трансферот пропадна. Друга работа е зошто Зенит воопшто размислувал за трансфер што би бил темпирана бомба за тимот.“
Иако спортскиот аспект на трансферот не е спорен – Даку постигна 15 гола и регистрираше 8 асистенции минатата сезона – се чини дека клубот сепак проценил дека потенцијалните ризици би ги надминале придобивките.