Една од легендите на Реал Мадрид, славниот фудбалски стрелец Раул Гонзалез Бланко, започнува ново поглавје во својата тренерска кариера – легендарниот Шпанец е официјално именуван за нов шеф на стручниот штаб на Реал Овиедо, со кого потпиша договор за соработка до јуни 2028 година.
Comunicado oficial.
Raúl González, nuevo entrenador del Real Oviedo
📲 https://t.co/guFbwhx6wI
#RealOviedo 🔵⚪ https://t.co/EVXKXf7t1D
— Real Oviedo (@RealOviedo) November 9, 2026
По импресивната играчка кариера, Раул од 2018 година целосно ѝ се посвети на тренерската професија во рамките на системот на мадридскиот гигант.
Работејќи во младинскиот погон и со години предводејќи го вториот тим – Реал Мадрид Кастиља, тој помогна во развојот и пробивот на неколку играчи кои денес се дел од првиот тим на „кралскиот клуб“.
Се шпекулираше дека токму Раул би можел да ја добие довербата на раководството и да застане на чело на првиот тим по заминувањето на Чаби Алонсо. Бидејќи тоа не се случи, славниот капитен одлучи да ја прекине соработката со својот матичен клуб и да побара самостоен ангажман во сениорскиот фудбал.
Иако беше во фокусот на интерес на неколку странски и домашни клубови, Раул го прифати амбициозниот проект на Овиедо.
На тренерската позиција го наследи Џулијан Келер, кој доби отказ и покрај победата над Кадиз во последното првенствено коло.
Ситуацијата во Сегунда остава голем простор за напад кон врвот на табелата: Овиедо моментално е на деветтото место со освоени 21 бод, а тимот се наоѓа во нагорна линија, откако освои 10 бода во последните пет кола.
Лидерот Алмерија има предност од осум бода, што е разлика што лесно може да се надомести, со оглед на тоа што се одиграни само 13 од предвидените 42 кола во ова маратонско натпреварување.
Раул Гонзалез своето деби ќе го има пред домашната публика во следното коло, кога ќе го предводи Овиедо против Џирона на стадионот „Карлос Тартиере“.
