Поради насилното однесување на синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, кога четири часа дивееја пред Владата и Парламентот, уапсени се 46 лица.
Судирите меѓу полицијата и демонстрантите започнаа веднаш по говорот на лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кога поддржувачите почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон објектот на Владата.
Тие продолжија пред Парламентот, каде што демонстрантите беа уште понасилни кон полицијата, а попатно запалија и многу контејнери за отпад.
Покрај полициските службеници беа вклучени и специјални единици за разбивање нереди, употребени беа водени топови и солзавец.
Во објава на социјалните мрежи министерката за внатрешни работи Албана Коџиу го осуди, како што го нарече, вандализмот на демонстрантите, додавајќи дека нападот врз полицијата е „кривично дело“.
Опозициските демократи не добија дозвола за одржување на протестот, но имајќи ги предвид претходните протести, кои, како и овој, создадоа хаос во Тирана, полицијата имаше ангажирано над 1600 полицајци, како и припадници на специјалните полициски единици и Националната гарда.
Бериша од протестот му порача на премиерот Еди Рама дека деновите му се избројани.
