Убиецот на Џон Ленон повторно е одбиен за условна слобода

Од:

Опсесивниот обожавател на Џон Ленон, Марк Дејвид Чепмен (70), кој го уби популарниот член на Битлси“ пред станбена зграда во Њујорк во 1980 година, по 14-ти пат по ред e одбиен за условна слобода, објавува Тајмс“.

Чепмен помина повеќе од 40 години во затвор и отслужува казна од 20 години до доживотен затвор за убиството на поранешниот Битлси“ во декемвриска ноќ кога тој и неговата сопруга Јоко Оно се враќале во својот дом во зградата Дакота на Менхетен.

Чепмен, кој е притворен во затворот Грин Хејвен во Њујорк, се појави пред одборот за условна слобода на 27 август барајќи да биде ослободен по повеќе од четири децении поминати зад решетки.

Барањето беше одбиено, изјави портпаролката на Одделот за корекции и надзор на државата Њујорк за Тајмс“.

Неговото следно рочиште е закажано за февруари 2027 година, рече службеното лице.

Чепмен на претходните рочишта изјави дека сè уште чувствува каење за убиството и дека би разбрал доколку мора да го помине остатокот од животот во затвор.

Тој рече дека го убил Ленон затоа што верувал дека тоа ќе му донесе слава.

Јоко Оно (92), постојано повторува дека Чепмен треба да остане во затвор и дека се плаши за својата безбедност и безбедноста на своите деца ако тој биде ослободен.