Турската модна инфлуенсерка Ајшеѓул Ераслан почина на 27-годишна возраст. Таа e пронајдена мртва во својот дом во истанбулската населба Кагитане.
Повеќе од 360.000 луѓе ја следеа Ераслан на Инстаграм, каде што објавуваше модни комбинации и фотографии од патувања, пишува „People“.
Според турските медиуми, членовите на семејството отидоа во нејзиниот стан бидејќи таа не им се јавуваше. Никој не ја отвори вратата, па тие ги известија властите.
Откако полицијата влезе во станот, ја пронајде без знаци на живот, а медицинскиот тим ја прогласи за почината на местото на настанот.
По истрагата, телото на инфлуенсерката беше транспортирано во Институтот за судска медицина за да се утврди причината за смртта.
Истрагата е сè уште во тек.
Службата за јавна безбедност утврди дека Ераслан се вратила дома на 11 март од патување во Египет.
Снимките од безбедносните камери прегледани од полицијата наводно го покажуваат актерот Сунај Куртулуш како влегува во нејзиниот стан, еден час пред нејзината смрт.
Тој се задржал кратко пред да ја напушти зградата.
„Џумхуриет“ објави дека полицијата го испрашуваше Куртулуш, кој е ослободен откако даде изјава.
Во изјава објавена на Инстаграм во недела, на 15 март, адвокатите на актерот изјавија дека тој „е испрашуван само како дел од истрагата и од самиот почеток ги дал потребните изјави на надлежните органи“, но дека „тој не бил на местото на настанот во времето на настанот“.
