„Истрагата по смртта на Курт Кобејн е збрзана, нешто не е во ред“ – тврди капетан на полицијата во Сиетл

Од:

Смртта на фронтменот на Нирвана, Курт Кобејн, повеќе од три децении подоцна, предизвикува контроверзии. Иако официјалната верзија е дека Кобејн изврши самоубиство со рафал од пушка на 5 април 1994 година, поранешниот капетан на полицијата во Сиетл сега тврди дека „физичките докази не се совпаѓаат“ и дека случајот никогаш не e правилно третиран како потенцијално убиство.

Нил Лоу, кој помина 50 години во Полициската управа на Сиетл (SPD), изјави за Дејли Меил дека верува дека истрагата бeше „збрзана и погрешно спроведена“.

Во 2005 година, по налог на тогашниот началник, Лоу е задолжен да спроведе внатрешна ревизија на случајот.

„Едноставно не верувам дека Курт си го направил ова сам на себе“, рече Лоу, иако не бил дел од оригиналниот истражен тим и случајот не бил воден во неговиот округ.

Според него, постојат неправилности поврзани со трагите од крв, јачината на прострелната рана и наводните недоследности во полициските и обдукциските извештаи – вклучувајќи изоставени белешки, недостаток на сведоштва и контрадикторни детали за настаните што доведоа до смртта.

Телото на 27-годишниот музичар е пронајдено на 8 април 1994 година, во стаклена градина веднаш до неговиот дом во Сиетл, три дена по смртта, која подоцна беше прогласена за самоубиство од страна на Канцеларијата на судскиот испитувач на округот Кинг.

Според наодите од тоа време, Курт почина од прострелна рана од пушка „Ремингтон модел 11“ со калибар 20, која е пронајдена во неговите раце, додека проштална порака е пронајдена во саксија за цвеќе во близина.

Полициската управа на Сиетл сè уште стои на истиот заклучок денес: „Курт Кобејн почина од самоубиство во 1994 година. Тоа е сè уште ставот на Полициската управа на Сиетл“, според одговорот доставен до Дејли Меил.

Лоу конкретно посочи на фотографии од местото на настанот, тврдејќи дека рацете на Кобејн изгледале „невообичаено чисти“ за некој што испукал куршум во главата.

„Сите зрна беа забележани, но ударот сигурно предизвикал значителна трага од прскање, не мала, туку голема“, рече тој, доведувајќи го во прашање моделот на прскање крв.

Според него, дополнителни сомнежи предизвикува наодот дека количината на хероин пронајдена во телото на Кобејн била приближно три пати поголема од смртоносната доза. Лоу смета дека за да се внесе толку голема количина веројатно би била потребна помош од друго лице.

Тој, исто така, го критикуваше начинот на кој беше обезбедено местото на настанот, велејќи дека најмалку 12 полицајци влегувале и излегувале од собата, што, според него, можело да доведе до контаминација на доказите.

Независни истражувачи, вклучувајќи ја и Мишел Вилкинс, тврдат дека постојат несовпаѓања помеѓу извештајот од 1994 година и документацијата објавена во 2014 година.