15 години од смртта на Ејми Вајнхаус – беше девојка со голем потенцијал, но на мајка си и рече: „Ќе умрам млада“

Од:

Пред петнаесет години, на 23 јули 2011 година, почина познатата британска пејачка Ејми Вајнхаус. Се чини таа беше единствена во сè – имаше волшебен глас и уникатен стил, но пороците ја одведоа во прерана смрт…

Ејми Џејд Вајнхаус е родена на 14 септември 1983 година, како второ дете на Џенис и Мичел. Нејзиниот татко Мич беше страстен љубител на џез-музиката. Кога наполни четири години, родителите ја запишаа во основно училиште. Во слободното време слушаше плочи и се преправаше дека е пејачка. Иако растеше во еврејско семејство, Ејми никогаш не одеше во синагога, ниту пак сакаше верска настава.

Уште на десетгодишна возраст, таа за првпат доживеа предозирање – откако дозна дека нејзиниот татко има љубовница, испи мешавина од апчиња.

Родителите се разведоа, а мајка ѝ Џенис подоцна често велеше дека гневот во песните на Ејми е токму резултат на отсуството на нејзиниот татко.

Ејми тешко се вклопуваше во општеството и беше исфрлена од училиште поради пирсот на носот. Сакаше да го украсува своето тело со тетоважи. Имаше комплекси и сметаше дека е исклучително грда. Уште тогаш привлекуваше внимание со употребата на дрога и алкохол. Еден период беше одлична ученичка, но подоцна нејзиното однесување толку се влоши што мораше да го смени училиштето. Во тој период од животот, таа силно страдаше од депресија.

По завршувањето на средното училиште, се вработи во студио за пирсинг, потоа во студио за тетовирање, па во бутик, а на крајот се запиша во Училиштето за уметност и технологија.

На 16-годишна возраст, таа беше сигурна дека сака да се занимава исклучиво со музика, па го напушти и тоа училиште. За време на викендите настапуваше со Националниот младински џез-оркестар.

Потоа започна врска со Крис, кој беше седум години постар од неа. Врската траеше девет месеци, по што настана нејзиниот прв албум „Frank“. Но, токму благодарение на таа несреќна љубов – како што впрочем беа и сите наредни – започна нејзината уникатна музичка кариера.

Многу брзо потпиша договор со издавачката куќа „EMI“, не сфаќајќи дека со првите самостојно заработени пари всушност тргнува на пат без враќање.

На почетокот на 2005 година, во еден бар го запозна Блејк Филдер-Сивил, кој беше две години постар од неа. Имале многу заеднички нешта: неговите родители беа разведени, тој беше прекриен со тетоважи и сакаше да пие и да пуши марихуана. Тоа беше кратка, но бурна врска.

Лудо вљубени, го поминуваа секој момент заедно. Сепак, по шест месеци раскинаа. Тој се врати кај својата поранешна партнерка, а Ејми се врати во депресија. Тогаш настана албумот „Back to Black“, со кој таа ги освои сите можни награди, а продажбата достигна рекордни бројки.

По две години, таа ја обнови врската со Блејк и тајно се венчаше со него во Мајами. Свадбата ги чинеше само 60 фунти, а славеа со хамбургер и помфрит. Тој брак траеше две години.

Три месеци по свадбата, Ејми ги откажа сите настапи поради предозирање со коктел од разни опијати. Двојката водеше бурен живот исполнет со дрога, алкохол и кавги, сè додека Блејк не заврши шест месеци во затвор кон крајот на 2008 година, поради тепање келнер во еден паб. Иако разделбата тешко ѝ падна, Ејми се разведе од него во летото 2009 година и замина на Карибите за да побегне од сè.

Тогаш таа изјави: „Имам самоубиствени мисли и сигурна сум дека ќе умрам млада“.

Во средината на 2010 година, таа започна врска со режисерот Реџ Тревис, кој беше седум години постар од неа и никогаш немаше проблеми со дрогата. Сепак, набрзо уследи раскинување, а Ејми им се врати на своите пороци. Ејми подоцна повторно замина на рехабилитација, а на својот последен концерт, одржан во Белград на 18 мај 2011 година, покажа до каде стигна. Сите присутни изјавија дека никогаш во животот не виделе толку тажна глетка. Ејми не можеше да стои на нозе, а камоли да пее.

Нејзините пријатели тврдат дека таа не сакаше да го одржи тој концерт бидејќи не се чувствуваше добро, но дека нејзиниот тим ја извади од кревет додека спиеше и ја однесе на аеродром. Таа се разбуди дури во Белград.

Ејми беше пронајдена мртва во нејзиниот стан во Лондон на 23 јули 2011 година. Таа претходната ноќ консумираше големи количества алкохол, а нејзиниот телохранител изјави дека ја виде како спие околу 10 часот наутро.

Тоа не му изгледаше чудно, бидејќи таа вообичаено спиеше до доцна. Во попладневните часови истиот ден, тој ја пронајде во истата положба и се посомнева дека нешто не е во ред. Брзата помош, која пристигна набрзо, веднаш констатираше смрт. Таа почина од труење со алкохол бидејќи испи премногу претходната ноќ додека поминуваше време на YouTube, гледајќи свои стари видеа.

Таа зад себе остави фондација што го носи нејзиното име, а која се занимава со превенција од злоупотреба на супстанции кај младите.