Книгата „Слобода“ од Леа Ипи објавена на македонски

Од:

Со големо задоволство ве информираме дека книгата „Слобода: созревање на крајот на историјата” од авторката Леа Ипи, едно од највпечатливите книжевни дела во последниве години, сега е достапна во превод на македонски јазик во издание на Или-Или. Преводот од англиски е на Калина Малеска. Ова дело последниве 3 години предизвика воодушевување кај критичарите и читателите ширум светот. Книгата ја добила наградата Ондаатје од Кралското книжевно друштво, наградата Слајтли Фокст за најдобро прво биографско дело, била во најтесен избор за наградите Коста, Бејли Гифорд и Гордон Бирн. За книга на годината ја прогласиле: Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајмс а британскиот часопис Проспект ја вброил Леа Ипи меѓу десетте најзначајни светски мислители.

„Слобода” е автобиографско дело кое ги комбинира личната приказна на авторката со поширокиот историски и политички контекст. Леа Ипи на трогателен и искрен начин го опишува своето детство во Албанија за време на последните години од комунистичкиот режим и преминот кон демократија.

Леа Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт која им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше изненадно прекинат. Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа го сведочи распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето сопствено созревање.

Со живо раскажување и длабоки размислувања, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените. Уникатната перспектива на Ипи нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста.

Книгата „Слобода” е уникатно сведоштво за растењето во турбулентни времиња и истовремено универзална приказна за човечката потрага по смисла и слобода. Оваа книга не само што дава увид во едно специфично историско раздобје, туку и подлабоко разбирање за човечката сила и истрајност.