Калум Тарнер, Џек Лауден и Џош О’Конор. По долги шпекулации за тоа кој ќе биде новиот Џејмс Бонд, изборот, според медиумите, се сведува на најмалку три имиња.
Како што пренесува „Холивуд репортер“ (Hollywood Reporter), финалната рунда аудиции пред камера треба да се одржи овој викенд.
Се верува дека тројца актери стигнале до завршните фази на селекцијата.
Кандидатите кои влегле во потесниот избор наводно поминуваат низ аудиции што вклучуваат три сегменти: изведување акциони сцени и каскадерски потези, работа пред камера и изговарање дијалози.
„Дедлајн“ (Deadline) објави дека снимањето на пробните сцени првично било планирано за почетокот на октомври, но било одложено поради преклопување на обврските на актерите.
„Варајети“ (Variety) додава дека Тарнер и Лауден се сериозни кандидати да го наследат Даниел Креjг, кој го играше Бонд во пет филма.
Претходно, со улогата се поврзуваа и британските актери Арон Тејлор-Џонсон и Џејмс Нортон, а се споменуваше и името на ирскиот актер Пол Мескал.
Сепак, сега во игра се појавуваат и други имиња, иако медиумските извештаи за моменталната состојба со изборот не се целосно усогласени.
„Варајети“ навестува дека Џек Лауден, ѕвездата на серијата „Слоу хорс“ (Slow Horses), би можел да избие во преден план.
Калум Тарнер, познат по серијата „Мастерс оф д ер“ (Masters of the Air), беше предмет на шпекулации уште претходно оваа година, при што некои обожаватели дури сугерираа дека неговата партнерка, Дуа Липа, би можела да ја испее насловната песна за новиот филм за Бонд.
Извори за „Дедлајн“ изјавија дека се испратени најмалку четири покани за учество во финалните проби пред камера.
Иако официјално не е потврдено, се очекува „тројца од четворицата актери што ќе бидат на аудиција да бидат Џек Лауден, Калум Тарнер и Џош О’Конор“.
О’Конор е најпознат по улогата на принцот Чарлс во серијата „Круната“ (The Crown), како и по филмот од 2025 година, „Вејк ап дед мен: А највс аут мистери“ (Wake Up Dead Man: A Knives Out Mystery), во кој глуми заедно со Креjг.
