(ВИДЕО) Хаос во Шпанија: Најмалку четворица загинати во поплави

Од:

Обилни дождови предизвикаа големи поплави во медитеранскиот дел на Шпанија, при што загинаа најмалку четири лица, а некои останаа заробени на покривите чекајќи спасување, објави во понеделникот државниот јавен сервис RTVE.

Спасувачките екипи извлекоа десетици луѓе кои беа заробени уште од раните утрински часови – некои на покривите од куќите, а други во поплавени објекти или возила.

Голем број патишта, куќи и кампови се најдоа под вода во провинциите Валенсија и Аликанте. Поплавите ги зафатија и Балеарските Острови, односно Мајорка и Ибица.

Во операциите за спасување беа користени хеликоптери, чамци, па дури и даска за сурфање; снимка од полицијата прикажува како 93-годишна жена се пренесува на безбедно место на даска, во градот Гандија.

Регионалната влада прогласи втор степен на подготвеност (второ највисоко ниво). Наставата е прекината во повеќе од 40 општини во провинциите Валенсија и Аликанте.

Властите првично воведоа повеќечасовен полициски час во 145 општини, во кои живеат вкупно над 800.000 жители.

До попладнето, полицискиот час остана на сила во само осум општини. Сепак, неколку места останаа отсечени од светот поради поплавите.

Ситуацијата беше особено сериозна во крајбрежниот град Олива, кој се наоѓа на околу 70 километри јужно од Валенсија – главен град на истоимената покраина – каде што во понеделникот беа пронајдени две тела.

Бурата „Адам“ уште за време на викендот предизвика хаос на шпанското копно, носејќи екстремни врнежи од дожд. Две лица загинаа: една жена во Сагунто (покраина Валенсија) и уште едно лице во Кабрера де Мар, во Каталонија.

Според градоначалничката Јоланда Пастор, околу 2.000 луѓе биле евакуирани од седум кампови во Олива.

„Многу луѓе сè уште се заробени во своите домови поради поплавните води“, изјави градоначалничката за приватната телевизија „Антена 3“, додавајќи дека некои луѓе се качиле на покривите за да се спасат.

Портпарол на службите за итни случаи изјави дека сите луѓе во Олива, чии животи биле загрозени, се веќе спасени и пренесени на безбедно.

Властите во најтешко погодените области – на југот од покраината Валенсија и на север од покраината Аликанте – апелираа до населението да остане во своите домови, секаде каде што е тоа можно. Особено беа погодени крајбрежните региони Ла Сафор (Валенсија) и Марина Алта (Аликанте).