„Го чекам судењето за силување уште од првиот ден“ – реакција на првата ѕвезда на Мароко, Ашраф Хакими

Од:

Само неколку часа пред да излезе на теренот со мароканската репрезентација во натпревар на Светското првенство против Шкотска, првата ѕвезда на тимот и дефанзивец на Пари Сен Жермен – Ашраф Хакими, ја потресе светската јавност со отворена и остра порака во врска со обвинувањата за силување со кои се соочува.

Хакими, кој го водеше Мароко до реми од 1-1 против Бразил во нивниот прв натпревар на Светското првенство во неделата, поднесе жалба на одлуката на француското судство да го упати неговиот случај до кривичен суд.

Сепак, француските медиуми објавија дека Апелациониот суд во Версај официјално ја отфрлил неговата жалба, што го отворило патот за обвинение и почеток на судењето пред кривичниот совет.

Откако оваа вест се прошири во медиумите, мароканскиот десен бек излезе со емотивна и директна порака на социјалната мрежа X.

– Правдата ме погледна во очи и ми рече: „Да не беше познат, овој случај никогаш немаше да постои“. Со години одбрав да молчам. Мислев дека достоинството, трпението и довербата во правосудниот систем ќе овозможат да се донесат правилни одлуки. Денес, на сметка на моето семејство, мојот живот и пред сè на вистината, се промовира приказна што воопшто не е моја. Понекогаш се чувствувам како да сум станал премногу лесна цел. Го чекав ова судење буквално од првиот ден. А сега искрено се радувам на тоа. Конечно ќе добијам шанса да проговорам – рече мароканскиот фудбалер.

Целиот овој скандал датира од март 2023 година.

Обвинителството во Нантер започна официјална истрага откако едно младо девојче поднесе жалба против фудбалерот, обвинувајќи го за силување во неговиот дом во предградието на Париз.

Од самиот почеток, Хакими силно ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека бил жртва на обид за уцена.

Адвокатскиот тим на фудбалерот се обиде да го оспори префрлањето на случајот во кривичниот суд, тврдејќи дека нема доволно докази за процесот.

Апелациониот суд ја отфрла жалбата на Хакими, што значи дека мароканскиот ас дефинитивно ќе биде суден пред кривичен совет.

Сè уште не е официјално познато кога точно ќе започне судењето, бидејќи Апелациониот суд во Версај и правниот тим на Хакими не одговорија веднаш на барањата на новинарите за коментар.

Би можело да ве интересира

Ѕвездата на ПСЖ ќе оди на судење – обвинет е за силување

А1он