Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, денес изјави дека клучниот предизвик на модерната монетарна политика е да се зачува кредибилитетот и независноста на централните банки во услови на зголемени економски и политички притисоци.
Зборувајќи на 28-от состанок на гувернерите на франкофонските централни банки во Пном Пен, главниот град на Камбоџа, Лагард посочи дека светот е во фаза каде што шоковите во понудата стануваат сè почести, додека во исто време фискалните притисоци растат поради одбраната, климата и дигиталната транзиција, како и стареењето на населението, беше објавено на веб-страницата на ЕЦБ.
Во таква средина, како што наведе таа, монетарната политика сè повеќе се соочува со тешки компромиси помеѓу инфлацијата и растот.
