Прилепскиот завод и музеј денеска ги почна годинашните археолошки истражувања на античкиот локалитет Стибаре кај Прилеп, најпознат во земјава по импозантните мермерни статуи пронајдени на локалитетот.
Од денеска до средината на мај ќе се работи на откривање на подземната инфраструктура која се востанови со гео скенирањето во 2023 година.
– Резултатите од геоскeнирањето кое го направивме со опрема од Археолошкиот музеј на Македонија упатија на постоење улица со широчина од 6 метри која почнувала од долниот сектор- Гимназиумот па се протегала до Горниот сектор каде бил градскиот плоштад со Агората, објаснува Душко Темелкоски, археолог и раководител на истражувањата во Стибера.
Стибера бил антички град со околу 20.000 жители, за тогашно време големо средиште и кој најголемиот процут имал од 3. век пред нашата ера до 3-4 век од новата ера.
Археолозите годинава ги започнаа новите истражувања на приватна парцела и по документирањето на наодите мора да ги засипат.
– Ова укажува дека пак се соочуваме со поранешниот проблем да се истражува, зашто многу археолошки тајни нуди Стибера, но најбитното е на приватни парцели од жителите на блиското село Чепигово. Ова упатува дека вреди да се откупат парцелите за јавноста да го види скриеното културно богатство, вели Темелкоски.
Од археолозите Стибера е наречена „Македонска Помпеја“, посебно по последните наоди на Агората, градскиот пазар- плоштад како и мерните инструменти при трговијата со храна.
