Француска лотарија нуди портрет на Пикасо за 100 евра

Од:

Француската хуманитарна лотарија нуди можност да се освои портрет на Пабло Пикасо за цена од само 100 евра, а приходите ќе бидат насочени кон истражување на Алцхајмеровата болест.

Делото „Tête de Femme“ (Глава на жена), кое Пикасо го насликал во 1941 година користејќи ја техниката гваш на хартија, ќе биде изложено во аукциската куќа „Кристи“ во Париз од денеска, додека извлекувањето е закажано за утре во 18 часот по локално време.

Организаторите објавија дека бројот на билети ќе биде ограничен на 120.000, што би можело да донесе до 12 милиони евра.

Од таа сума, еден милион евра ќе бидат исплатени на Галеријата на операта, меѓународната галерија која ја поседува сликата, додека остатокот ќе оди во Фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест во една од водечките јавни болници во Париз.

Ова е трета лотарија од ваков тип во која се дистрибуира дело на Пикасо.

Првата, одржана во 2013 година, собра повеќе од четири милиони евра за културни проекти во Либан, а наградата ја доби работник од Пенсилванија.

Втората лотарија, во 2020 година, ја донесе „Nature Morte“ од Пикасо кај италијански сметководител чиј син го купил билетот како божиќен подарок.

Организаторите истакнуваат дека Пикасо бил познат по својата дарежливост и желба да ја направи својата уметност достапна за пошироката јавност, а не само за богатите.