Пратка од околу 12 тони чоколади КитКат е украдена за време на транзитот низ Европа, што може да предизвика недостиг од оваа популарна чоколада на пазарот, и тоа само една недела пред католичкиот Велигден, објавија претставниците на брендот Нестле.
„Камион што превезуваше 413.793 артикли од нашиот нов асортиман на чоколадни плочки е украден за време на транзитот во Европа“, изјавија претставници на КитКат, објави денес телевизијата БФМ.
Товарот, тежок околу 12 тони, исчезна минатата недела додека камионот се движел по рута помеѓу производствениот погон и дистрибутивните места.
Пред кражбата, камионот го напуштил централниот дел на Италија и се упатил кон Полска, со намера да дистрибуира чоколади во земјите низ кои поминува.
Компанијата не прецизираше точно каде исчезна стоката, но рече дека „возилото и неговиот товар биле изгубени“.
„Истрагата продолжува во тесна соработка со локалните власти и партнерите од синџирот на брендирање“, додаде брендот.
Тие предупредија дека чоколадите може да се најдат на неофицијалните европски пазари.
Тие истакнаа дека е можно да се пронајдат украдените производи со скенирање на бар кодовите на пакувањето.
„Во случај на совпаѓање, скенерот ќе добие јасни упатства за тоа како може да се извести KitKat, а потоа соодветно да ги проследи доказите“, соопшти компанијата.
