Шмајхел има сериозна повреда на рамото: Можно е да го одиграв мојот последен натпревар!

Од:

Каспер Шмајхел (39) призна дека сериозната повреда на рамото би можела да го означи крајот на неговата фудбалска кариера.

Голманот на шкотски Селтик играше со болки веќе некое време, откако го повреди левото рамо играјќи за Данска минатата година, а неговата состојба се влоши минатиот месец на мечот против Штутгарт.

Поради повредата, тој ги пропушти последните пет натпревари на тимот на Мартин О’Нил, а во понеделникот, по прегледот од специјалист, ја дозна катастрофалната дијагноза.

Во разговор за мрежата CBS Sports Golazo, Шмајхел ја откри сериозноста на ситуацијата.

„Имам две операции на рамото. Ги скинав бицепсот, ротаторната манжетна, го изместив рамото и го оштетив лабрумот. Сè исчезна. Изгледа дека ќе одам на рехабилитација од 10 до 12 месеци“ рече тој.

Данецот е свесен дека ова може да биде неговото збогување со професионалниот фудбал.

„Човек не знае како да реагира на ова. Можно е да го одиграв мојот последен натпревар. Фудбалер сум од раѓање. Самата помисла на тоа е поразителна. Во моментов ми е многу, многу тешко да го прифатам сето тоа“, рече 39-годишникот.

Шмајхел тргна по стапките на својот татко Петер, легендата на Манчестер Јунајтед, а неговата сопствена кариера трае повеќе од две децении.

Тој беше клучен член на тимот на Лестер кој сензационално ја освои Премиер лигата во 2016 година, а со истиот клуб го крена трофејот од ФА Купот пет години подоцна. По Лестер, играше за Ница и Андерлехт, а му се приклучи на Селтик во летото 2024 година.

Првата операција е веќе закажана за петок, а Шмајхел, и покрај тешките прогнози, вети дека ќе се бори за продолжување на својата кариера преку долгорочниот процес на рехабилитација.