Триесет уметнички дела ќе бидат распоредени во просториите, како и во собите за пациенти на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија.
Делата се донација од голем број уметници со цел подобрување на амбиентот за пациентите и медицинскиот персонал.
На примопредавањето на уметничките дела, директорката на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, проф. д-р Мери Трајковска, рече дека замолиле што поголем број уметници да им излезат во пресрет за да го облагородат просторот на Клиниката бидејќи сметаат дека уметноста и хуманоста, како и медицината, се на иста линија. Посочи дека голем број уметници донирале свои дела.
– Благодарни сме што денеска на Светскиот ден на поезијата ја примаме оваа донација, која секојдневно ќе го разубави не само животот на вработените туку ќе им даде и друг аспект на пациентите, кои тука доаѓаат со големи проблеми. Мислам дека ќе им го олесниме престојот. Оваа иницијатива е од локален пример бидејќи јас во еден за мене тажен момент влегов на Клиниката за пулмологија и ги видов тие прекрасни слики таму и тој облагороден простор. Се договоривме тоа да го направиме и на нашата клиника – рече проф. д-р Трајковска.
Организаторот на хуманитарниот настан, кој е вработен на Универзитетската клиника за пулмологија, Сабри Азири, изјави дека уметниците донирале 30 дела за Клиниката за гастроентерохепатологија и несебично позитивно одговориле на нивното барање.
– Уметноста е нешто што треба да нè следи цел живот, треба да креираме дела, бидејќи само тие живеат вечно – рече Азири.
Посочи дека на 14 февруари разговарал со директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, проф. д-р Трајковска, во врска со донацијата на вакви слики на Клиниката за пулмологија, каде што тој е вработен.
Според него, сликите влијаат на расположението на пациентите.
– Менаџментот на Клиниката за гастроентерохепатологија во знак на благодарност на уметниците ќе им подари брендирани пенкала и ќе им бидат врачени благодарници – рече Азири и додаде дека во иднина планираат да организираат донации и за други оддели во Клиничкиот центар.
