Украина објави дека нејзините претставници ќе ги бојкотираат официјалните настани на Параолимписките игри во Милано-Кортина во март во знак на протест против одобрението на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат под нивните национални знамиња.
Одлуката на Меѓународниот параолимписки комитет (МПК) да им дозволи на шест руски и четири белоруски спортисти да учествуваат на Параолимписките игри (6-15 март) предизвика негодување кај Украинците.
„Нема да бидеме присутни на церемонијата на отворањето. Нема да учествуваме во ниту еден од официјалните настани на Игрите“, напиша украинскиот министер за спорт Матвиј Бидни на социјалната мрежа X.
Европскиот комесар за млади и спорт Глен Микалеф, кој требаше да ја претставува ЕУ на церемонијата на отворањето, исто така објави дека нема да присуствува поради оваа причина.
„Знамињата на Русија и Белорусија немаат место на меѓународни спортски настани кои промовираат правда, интегритет и почит. Тие се знамиња на режимот што го претвори спортот во алатка на војна, лаги и презир“, рече Бидни.
Русија ќе учествува на Параолимписките игри во Милано-Кортина со двајца претставници во параолимписко алпско скијање, двајца во крос-кантри скијање и двајца во сноубординг, додека Белорусија ќе има четири претставници во крос-кантри скијање.
Претседателот на украинскиот параолимписки комитет, Валери Сушкевич, во вторникот за АФП изјави дека е огорчен од учеството на руските и белоруските спортисти, но ја исклучи можноста за бојкот на натпреварот, на кој неговата земја често постигнува многу добри резултати.
„МПК може да потврди дека НПК Русија доби вкупно шест места, а НПК Белорусија вкупно четири места“, потврди Меѓународниот параолимписки комитет.
