Тимошенко плати 655.000 евра кауција за да не оди во притвор

Од:

Целиот износ на кауцијата што претходно ја одреди Врховниот антикорупциски суд на Украина (ВСК) на опозициската пратеничка и поранешна премиерка – Јулија Тимошенко е платен, објавија денеска од судот.

Прес-службата на Судот, исто така, објави дека расправата за жалбата на Тимошенко против одлуката на првостепениот суд за нејзината превентивна мерка ќе започне во понеделник, 26 јануари, објави „Униан“.

Тимошенко потврди дека нејзината целосна кауција, во износ од приближно 655.000 евра, е платена.

Високиот антикорупциски суд на Украина (ВСК) одреди превентивни мерки во форма на кауција од повеќе од 33 милиони гривни (приближно 655.000 евра) против претседателката на парламентарната група „Баткившчина“ (Татковина) и поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко, во случајот против неа поради сомнение за поткуп во врска со гласањето во украинскиот парламент, Врховната рада.

Покрај кауцијата, судот ѝ наложи на Тимошенко да се јавува на сите покани на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и судот, да не ја напушта територијата на Киев и Киевската област, да не комуницира со одреден број пратеници во врска со истрагата, како и да го предаде пасошот, објавија украинските медиуми.

Таа објави дека ќе поднесе жалба против одлуката на ВАКС до апелациониот суд.