Главниот пропагандист на Путин најавува „специјална воена операција“ во Ерменија и во Азија

Од:

Владимир Соловјов – еден од најпознатите руски пропагандисти рече дека Русија треба да размисли за својата „сфера на влијание“ и можноста за започнување нови „специјални воени операции“ во Ерменија и азиските земји.

Притоа, тој го употреби терминот специјална воена операција на ист начин како што Москва го користи за да ја опише војната во Украина, која ја започнаа во февруари 2022 година.

Како што пишува „Медуза“, руски медиум со седиште во Латвија, Соловјов ги наведе акциите на САД во Венецуела како пример, оценувајќи дека тие „го прекршиле меѓународното право“.

Според него, настаните во Ерменија се многу поболни и позначајни за Русија од ситуацијата во Венецуела, предупредувајќи дека губењето на Ерменија, како и дестабилизацијата на Централна Азија, би претставувале огромен безбедносен проблем за Москва. Тој верува дека тие имаат право да го сторат тоа.

„За нас, она што се случува во Ерменија е многу поболно од она што се случува во Венецуела. Губењето на Ерменија е огромен проблем. Проблемите во нашата Азија, во Централна Азија, тоа би можело да биде огромен проблем за нас. И ние мораме многу јасно да ги формулираме нашите цели и задачи… Кого го интересира меѓународното право и меѓународниот поредок? Ако, за нашата национална безбедност, беше потребно да се започне еднострана воена операција во Украина, тогаш зошто, врз основа на истите размислувања, не би можеле да започнеме еднострана воена операција и на други точки во нашата сфера на влијание?“ – вели Соловјов.

На неговите изјави реагираше ерменското Министерство за надворешни работи, кое му врачи на рускиот амбасадор во Ереван протестна нота.

Во неа се изразува „длабоко незадоволство“ поради коментарите дадени на државната руска телевизиска емисија, со порака дека таквите изјави се некомпатибилни со пријателските односи меѓу Ерменија и Русија.

Изјавите на Соловјов доаѓаат во чувствителен момент за регионот, откако Ерменија и Азербејџан, со посредство на САД, потпишаа мировен договор.

Договорот беше потпишан во Белата куќа на 8 август од страна на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, и вклучува воспоставување транзитен коридор наречен „Трампова рута за меѓународен мир и просперитет“.