ЈО: Двајца загинати, а петмина повредени при претекнување и судар на два автомобила кои се движеле во иста насока

Од:

Две лица загубија живот а петмина се повредени при претекнување и судар на два автомобила кои се движеле во иста насока, појаснија вечерва од Јавното обвинителство, во однос на сообраќајната несреќа во близина на Плетвар, на патот Прилеп – Росоман.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва изврши увид на лице место. Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар на два автомобили кои се движеле во иста насока. Во несреќата две лица го загубија животот, меѓу кои и возачот на едниот автомобил, додека петмина се повредени, информираа од Обвинителството.

Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на траги од лице место, а ќе биде наредено и сообраќајно и машинско вештачење на автомобилите.

-Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, додека кај преживеаниот возач ќе биде испитано евентуално присуство на алкохол и други супстанции. Се преземаат дејствија за утврдување на причините за несреќата, соопштија од Обвинителството.