Норвешката ракометна ѕвезда Камила Херем (39), двократна олимписка шампионка и трикратна светска шампионка, неодамна се врати на теренот откако во 2025 година ѝ беше дијагностициран рак на дојка и беше подложена на хемотерапија.
Таа се врати со настап за својот матичен клуб Сола ХК, каде што блесна во првиот натпревар по третманот и ја покажа својата сила и љубов кон ракометот.
За време на натпреварот против Герпен ХК Скиен коментаторот Том Гуликсен направи несоодветна шега за нејзината коса: „Барем косата не треба да се суши и фенира“.

Оваа изјава, по нејзината борба со опаѓањето на косата поради хемотерапија, предизвика бран осуди во Норвешка.
Клубот Герпен ХК брзо реагираше и ја прекина соработката со коментаророт поради несоодветниот коментар.
Гуликсен се извини и изрази жалење за ситуацијата, а Херем го прифати извинувањето како знак на достоинство.
Нејзиниот сопруг и тренер Стефен Стегавик изјави дека тоа е несреќен и непромислен коментар и дека ситуацијата е решена затоа што клубот брзо реагираше и се извини.
Камила Херем е една од најистакнатите норвешки ракометарки, позната по својата долга и успешна кариера на позицијата лево крило. Родена е на 8 октомври 1986 година во Ставангер.
Таа го имаше своето деби во норвешката лига на 16-годишна возраст и оттогаш нејзината кариера е исполнета со бројни успеси.
Меѓу нејзините најголеми меѓународни достигнувања се два златни олимписки медали (2012 и 2024), три златни медали на Светските првенства (2011, 2015, 2021) и пет златни медали на Европските првенства.
Со норвешката репрезентација одигра 332 натпревари и постигна 951 гол. Освои многу клупски титули со тимови како што се Бјасен, Баја Маре, Тим Твис Холстебро, а со успех го носеше и црно-црвениот дрес на ЖРК Вардар.
Во дресот на Вардар беше најдоброто лево крило во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Со својата техника, брзина и прецизност, таа освои признанија како што се избор во Ол-стар тимовите и наградата за најдобро лево крило на деценијата.
