Англичанец го презеде кормилото на Шведска

Од:

Шведската фудбалска репрезентација која е на дното од својата квалификациска група за СП 2026, ја презеде поранешниот тренер на Вест Хем, Греам Потер (50).

Шведската фудбалска асоцијација денеска објави дека е потпишан договор со Потер до крајот на квалификациите и за потенцијални дополнителни квалификации за Светското првенство. Доколку Шведска успее да се квалификува за Светското првенство, неговиот договор автоматски ќе биде продолжен.

По четири кола од квалификациската група Б, Шведска е на последното место со еден бод. Швајцарија е лидер со 10 бода, Косово има 7, а Словенија 3 бода.

Во последниот квалификациски натпревар, Шведска загуби од Косово дома кон средината на октомври, а по тоа данскиот стручњак Јон Дал Томасон беше отпуштен.

Првопласираните екипи од европските квалификации одат директно на СП, а второпласираните репрезентации и уште четири екипи кои беа најдобри во своите групи од последното издание на Лигата на нации одат на дополнителните квалификации.

Шведска има уште два натпревари до крајот на квалификациите, на 15 ноември гостува кај Швајцарија, а три дена подоцна ја пречекува Словенија и теоретски сè уште може да стигне до второто место. Сепак, многу пореална опција е да влезе во дополнителните квалификации како победник во својата група на Лигата на нации.

„Почестен сум и инспириран од оваа покана. Шведска има фантастични играчи кои секоја недела пружаат одлични игри во најдобрите лиги. Мојата работа е да создадам услови репрезентацијата да игра на највисоко ниво и да се квалификува за Светското првенство“, рече Потер.

Англискиот тренер го водеше шведскиот Остерсунд седум години (2011 – 2018), а потоа беше на чело на Свонси Сити (2018/19) и Брајтон (2019 – 2022).

Сепак, тој остана на последните две тренерски позиции многу кратко време поради лошите резултати. Во Челзи остана седум месеци, а од јануари до крајот на септември оваа година го водеше Вест Хем.