Инциденти во Атина по протестот за железничката несреќа

Од:

Илјадници граѓани претпладнево се собраа во центарот на Атина по повод двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи, а по завршувањето на еден од најмасовните протести во земјата во последните години, се случија сериозни инциденти.

Откако заврши официјалниот дел на кој говореа роднини на жртвите, а насобраните граѓани почнаа да си заминуваат, поголеми групи маскирани лица фрлија десетици молотови коктели, мермер, шишиња и други предмети, како и пиротехнички средства кон објектот на Парламентот.

Инциденти брзо се проширија и на околните улици и траеја подолго време, а полицијата одговори со солзавец и шок бомби.

Откако се смири ситуацијата, дел од демонстрантите повторно се вратија пред грчкиот Парламент, а со мали прекини продолжија инцидентите и во попладневните часови.

Според првичните информации, приведени се најмалку 80 лица, 12 демонстранти се повредени, а предизвикана е и материјална штета.

Илјадници граѓани уште од рано утрово ги исполнија улиците во центарот на Атина, како и плоштадот Синтагма за да испратат порака дека не ги забораваат жртвите во железничката несреќа кај Темпи пред две години, но и да го повторат нивното барање за правда.

Иако протестот беше закажан за 11 часот по локално време, час и половина пред официјалниот почеток, плоштадот пред грчкиот парламент беше веќе полн со граѓани на сите возрасти, млади, студенти, пензионери, семејства со деца.

Протестот започна со едноминутен молк, откако претходно беа прочитани имињата на сите 57 загинати.

Годишнината од несреќата се одбележува со 382 протести, од кои 262 во Грција и 120 во странство, а најголемите грчки синдикати за денеска закажаа генерален штрајк што буквално ја парализираше земјата.

Не функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, и супермаркетите кои неколку часа ќе бидат затворени.

Бродовите се закотвени на пристаништата, железничкиот сообраќај ќе биде целосно во прекин, а поради штрајкот на контролорите на летање, откажани се сите летови од и кон Грција.

Јавниот превоз во Атина, односно автобусите, тролејбусите учествуваат во штрајкот и нема да сообраќаат, а единствено метрото и трамваите кое ќе работи од 9 до 17 часот со цел да им овозможи на граѓаните да стигнат на протестот во центарот на градот.

Грчката метропола е и без такси превоз, со оглед на тоа што такси возачите организирани од нивниот синдикат учествуваат во штрајкот, меѓутоа преку иницијативата „такси на солидарноста“ – нешто што првпат се спроведува во Грција, на четири различни локации во Атина таксисти волонтери, бесплатно ги пренесуваа граѓаните до плоштадот Синтагма каде што се одржа протестот.

Би можело да ве интересира

На протестите во Солун и Атина уапсени десет лица

А1он