Има само мажи, жени и добар кеш

Од:

Највисока функција на екологијата е разбирањето на последиците за еден екосистем, пред тие воопшто да настанат, и притоа од исклучителна важност е екосистемот да биде во баланс, без оглед на делувањата на агентите на промени што ги предизвикуваат осцилациите на условите кои владеат во него.

Успешната борба против отворањето на рудниците, и воопшто загадувачите, не е само моја борба, туку борба на речиси целото население на југоисточна Македонија. Храброста на граѓаните да застанат наспроти исклучително моќен економско-политички конгломерат, и седум години, по секаква цена, успешно да блокираат секакви обиди за отворање на рудниците на смртта, многу кажува за вредностите, интегритетот и пркосот кон секое ограничување на слободата на мислење, говор и дејствување, со цел да се заштитат сите, па дури и оние неколку десетици, кои се изманипулирани и сакаат да има рудници. Нужноста од влез во локалната политика за да се остварат еколошките цели беше неминовна, исто како што самото тоа подразбира многу пошироко делување во низа сегменти на локалната самоуправа. Сепак, тоа што како советник во Општина Струмица станав претседател на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, не дозволив да биде само колку од ред да помине, туку активно се вклучив во таа нова област и затоа се потрудив независно да гледам без никаква претходно обоена призма, и без разлика на фактот што во овој сегмент на македонското општество масовно се инвестира со големи странски донации, а преку тоа се наметнуваат разни политики. Некои од тие политики се позитивни, некои се несоодветни за сегашниот степен на развој, а некои се штетни и опасни, затоа што во меѓувреме тоа се покажало во други поразвиени држави. Практично, со наши зборови, не се јаде сѐ што лета…

Наративот дека почетокот на културните војни во македонското општество нема за цел наметнување на ефективна цензура и суптилна самоцензура на мислењето преку воведување на дистописки закони, е самозамајување, кое не вреди ни да се објаснува. Но, сепак, ете, се најдов зачуден од пишувањата на Ирена Цветковиќ, дека во југоисточна Македонија сме покренале некаква крстоносна војна против маргинализираните луѓе… Нешто што едноставно не држи вода, затоа што на никој ништо не му фали во Струмица, и токму тоа пред камери го кажа струмичката легенда, т.н. Цеца од Баница, кога беше прикажана снимката од маршот на педесетина трансродови граѓани и нивни поддржувачи во Скопје.

Независно од тоа што Ирена се обидува да ја замени тезата за некаква мобилизација против трансродовите луѓе, сепак, нешто друго е во прашање. Пред сѐ, мислам дека нејзината фотелја е во прашање, поради немањето никакви видливи резултати за ЛГБТИК+ луѓето, освен ако барањето пари од странски донатори и скапите хонорари за штанцање текстови не се смета за некаков успех. Веројатно ги заплашуваат донаторите дека ако не дадат пари, тогаш ќе им дојдат илјадници струмички крстоносци во нивните домови да ги попрскат со света чудотворна вода за здравје. Но, шегите настрана, навистина во последно време јавните дејствувања на Ирена Цветковиќ, Мила Царовска и Димитар Ковачевски, заедно со позадинските дејствувања на Јована Тренчевска и Марјан Даскаловски, се во одлична резонанца кога станува збор за предизвикување потреси со епицентар во изборна единица 4 и особено општина Струмица. Веројатно, испреплетени интереси во полуприкриен внатрепартиски судар, саботажа, анонимни клеветења во функција на некаква постизборна политичка разврска, би било интересно филмско сценарио, што кај некои луѓе ќе отвори интересни прашања и дилеми за евентуална таква мотивација.

Интересен е фактот што од кога се распишаа изборите, сите платени родови активисти повторно се разбудија и во оркестрирана хајка ја напаѓаат општина Струмица со разноразни провокации, трудејќи се да предизвикаат реакции, кои ќе бидат употребени во предизборни и постизборни цели. Нема недела, а да нема нешто поврзано со Струмица на репертоарот на родовите активисти и нивните инсталации во т.н. Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

Вообичаената стратегија на триесетина одлично платени активисти со длабоки корени во Хера, Хелсиншки Комитет и Коалиција Маргини, разгранети низ цел мрежен систем организации, за да ги оправдаат долгогодишните хонорари, таргетираат неистомисленици со карактеристична фашизоидна омраза и отровна реторика за да се предизвика реакција. Откако ќе го постигнат ефектот, организираат специјални настани во Скопје и Брисел и ридаат и кукаат колку демек е страшно овде во Македонија, но ако добропознатите донатори пратат повеќе кеш за мрежите во Македонија, тие се волни да се „жртвуваат“ и цврсто да ветат дека ќе се среди работата. Но, доколку некој се одважи да направи ревизија и да утврди кој сѐ членува во мрежите што лапаат пари од странските донатори, ќе се чудат што сѐ немаат измислено и направено за да се оправдаат парите.

На пример, Коалиција Маргини, за само 2022 година, со 4 вработени во фотелји, има потрошено над 7,5 милиони денари за плата плус хонорари, а има вкупен годишен буџет над 400 илјади евра. Други слични организации, пак, иако имаат милионски донации во евра, повторно нивни видни луѓе, по ултра брза постапка, во ист ден доставуваат барање за државни финансии, им се одобруваат и им се исплаќаат од државен буџет за прекуокеански летови и престој. Цел на патувањето, замислете, било да го гледаат еден од основачите на Маргини, Славчо Димитров, односно да се журкаат. Или, пак, друг пример со функционери од Хелсиншки Комитет, кои добија и дневници од државен буџет, онака ад хок, оти нели они се претставуваат за „културни амбасадори“ и „максимално културно“ се борат за „ужасно дискриминирани“ граѓани. Всушност, сето ова е една и иста мала група невладини пријатели, кои одлично се вгнездени во различни организации за нивната „борба“ за човекови права да изгледа крупно и различно, па го шетаат светот и добро се журкаат на државна сметка. Дали ова е добра пракса министер да дели пари како ќе му текне на веќе добро платени родови активисти, додека во исто време крати пари на настани од витално значење македонската култура? Дали можеби не е битно ништо сѐ додека со дискреционо право, министерката може ад хок, селективно, да дискриминира и одредува подобни и неподобни корисници на македонскиот буџет за култура? Но, за таквите ситуации, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, како кандидат за пратеник во ИЕ5, во брзо време ќе треба да објаснува на предизборни трибини, и јавноста со документи ќе разбере убаво и детално кој, што и како правеше на државна сметкорасписка, кокетирајќи со родовите активисти и потпишувајќи меморандуми за соработка.

Но, да се вратиме на случувањата во изборна единица 4 и Струмица. Последен револуционерен импакт, во име на слободата и демократските процеси, зададе Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во „ретроградните“ струмички училишта, но и во Прилеп и Штип, утврдувајќи дискриминација по претходна претставка од Маргини, поради тоа што, замислете, училишните управи се дрзнале да одредат кодекс за облекување на учениците со кој забрануваат: шорцеви, кратки здолништа, долги нокти, пирсеви и сл. Откако се осакати образованието, според резултатите од меѓународните тестирања, сега на овие „борци“ проблем им е пристојното облекување кое е општоприфатен стандард во светот. За потсетување, наставните програми во образованието беа нарочно изменети од поранешната министерка Мила Царовска, која сега е извршна директорка на Хера. Наставни програми, согласно новата концепција, отворено ја промовираат родовата идеологија. Мила Царовска и сега продолжува да дејствува од покомотна позиција со истата агенда и странски донации. Многу е веројатно дека и Јована Тренчевска ќе заврши во Хера по изборите, затоа што таму се кројат сите овие политики, и сите што нешто направиле преку институциите во Македонија имаат некаква врска со Хера и заслужено место таму за институционално имплементираните родови реформи. Но, климата е променета, граѓаните се доста сензибилизирани, а родовите актери знаат дека училиштата и родителите нема да си дозволат повторно да бидат родово обликувани од Мила Царовска, без разлика дали машата ќе бидат Маргини, Скопскиот Квир Центар со масовно сериско пријавување од Давид и Мартин Тасевски, или пак некој друг од другарчињата на Ирена Цветковиќ.

Сега, ајде конкретно да видиме за што сум обвинет од Ирена Цветковиќ во нејзината тирада. Еве, сега, се рециклираат теми кои беа актуелни лани и кои кулминираа со протестот на МПЦ во Скопје и подготовки за дисперзирани масовни протести насекаде во Македонија, па кога Јована и компанија видоа колку е саатот, побрзаа со извинувања и преговарања, но и ефективно запирање и повлекување на законите. Јас, како претседател на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, имам дадено свое лично видување за јавните трибини што се одржаа во Струмица и нападите што се случуваа после нив. Имам реагирано на обидите за медиумска цензура, прогонот на жените активисти од Струмица, притисоците и заканите од политички функционери, како и нападите кон општина Струмица и струмичани, кои се претставени како неандерталци во клеветите на родовите активисти.

Имам реагирано на повеќе места, а особено во една прилика кога мешана делегација од ЕУ и една странска амбасада дојдоа специјално во Струмица за од прва рака да разберат што се случува. Не знам, можеби очекуваа на плоштадот во Струмица да видат распнати и убиени трансродови и луѓе со хомосексуална ориентација, но веројатно утешно воздивнаа кога видоа дека не е така, или пак ги обземал сомнеж за менталното здравје на информаторите. До ден-денес нема никаков ефект од укажувањата за нападите, заканите и линчот од Националната мрежа кон локалните струмички организации кои се занимаваат со заштита на жените и жртвите на семејно насилство. Во овој контекст би ја споменал и шведската организација „Квина тил Квина“, кои великодушно „ветуваат“ разни работи на организации кои ќе промовираат „целосна родова еднаквост“ за жените, но веројатно тоа се однесува само за оние „жени кои се родени со пениси“, а нападите кон т.н. цис жени се само за теренска медиумска пропаганда. Еве, ако грешам, нека покажат каде тоа прецизно е наведено во барем еден извештај на странските донатори, кои наводно се најистакнати бранители на жените? Наместо да се објаснувам со Ирена, која ме етикетира како прогонител на три или четири транс лица од Струмица, ќе го изложам по хронилишки редослед развојот на настаните во Струмица.

Прво, бев запрепастен од нивото на комуникација и настојчивите јавувања на луѓе од Хера по медиумите, но и обидите за медиумска цензура по трибината во март 2023, кога епископот Јаков Стобиски отворено и со огромен број аргументи и статистика одговори на прозивките на Ирена Цветковиќ во нејзините меѓународни обраќања, каде конкретно си поигруваше со слики од јавни собири од Струмица. Во исто време останува нејасно зошто до ден-денес Ирена Цветковиќ не понуди никакви, а особено конкретни противаргументи на аргументите што јавно беа изложени на истата трибина што се обидоа да ја цензурираат? Она што е шокантно за секое демократско општество е зошто сите граѓани и претставници на институции што беа присутни на трибината беа нападнати со типично стереотипно колективни лепенки и недолични епитети? Ова ли е таа добра европска пракса!?

Камо да беше тоа сѐ! Напротив, продолжија со притисоци врз Општината без притоа да дадат одговор за недоличното однесување и хистерија, но и со помош на одредени медиуми почнаа да спроведуваат хајка и медиумска блокада, која конечно беше пробиена со гостувањето на епископот Јаков Стобиски на една национална телевизија, по што се отвори смрдливата конзерва на Маргини, Хера, Хелсиншки…, и Ирена Цветковиќ почна да се губи во објаснувања и на најобични прашања.

Потоа следеа низа реакции на министерката Јована Тренчевска која внесе уште поголем хаос во објаснувањата на многуте „вистини“ за предлог-Законот за родова еднаквост и толкувањата на содржините во разните верзии на истиот. Следуваше посета на британскиот амбасадор на Шелтер центарот во Струмица, во придружба на министерката Јована Тренчевска и градоначалникот Костадин Костадинов. Притисокот кон сите нас во Општината продолжи да расте и повторно бевме принудени да слушаме уцени за прекинување на проекти и слични европски практики, само поради фактот што се дозна дека Шелтер центарот во Струмица е основан во соработка на Општината, невладина организација и Струмчката Епархија, каде што викарен епископ е Јаков Стобиски. Ако дотогаш Струмица беше најдобра општина со најнапредна перспектива и конкретна поддршка на жените жртви на семејно насилство, сега се претвори во „нај-назадна“ општина, само поради реториката на епископот Јаков Стобиски, која повторувам не наиде на сериозни противаргументи од другата страна, освен на ад хоминем напади и омаловажувања.

Линчот од моќни организации како Хера, Маргини, Хелсиншки Комитет, мене ме мотивираше да се придружам на отпорот кој се роди во Советот на Општина Струмица, особено кога својата кулминација ја достигна со тенденциозното исклучување на „Скај плус“ (под чие покровителство работи најуспешниот шелтер за згрижување на жртви на насилство во државата) од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, како и нивно понатамошно дисциплинирање преку закани и еднострано прекинување на тековни проекти, според кои, во сите случаи, крајни корисници беа и се токму жените, а понекогаш и нивните деца.

Националната мрежа против насилство ја исклучи истата онаа организација што претходната година ја фалеа како најдобра во државата и чиј модел го препорачуваа, а нивните активисти ги препорачуваа да бидат ментори при имплементација на истиот модел во други општини и држави. Исклучија цела организација затоа што две активистки од организацијата направиле страшен престап во очите на инквизицијата предводена од Хера и Маргини. Замислете, активистка од тимот на шелтерот присуствувала и се осмелила да ѝ поставува „незгодни“ прашања на министерката Тренчевска на јавната дебата во Струмица за Законот за родова еднаквост! А, пак, друга нејзина колешка од тимот на струмичкиот Шелтер центар се осмелила да прифати професионален работен ангажман и да ја води и модерира јавна дебата на која темата е неподобна, според нивниот идеолошки систем, а згора на сѐ, на истата говорник е епископот Јаков Стобиски.

Токму поради тоа и ништо друго, колешките на Цветковиќ од Хера и Хелсиншки комитет, на чело со Драгана Дрндаревска, ги ставија на поединечно испрашување активистките „преколнувајќи“ ги да се покајат и покајнички да го изговорат родово сензитивното „Верују“ на нивната идеологија, па откако жените од шелтерот тоа го одбија, тогаш решија да испратат порака за покорност до сите останати членки, исклучувајќи ги од мрежата. Потсетуваме дека само десетина дена претходно британскиот амбасадор се сретна со истите луѓе кои што ги исклучија и разговараше за постигнатите резултати и меѓународни признанија за нивната работа со жените жртви, оддавајќи им признание и пофалби.
Тоа што со години наназад струмичани беа најдобри во конкретни резултати, воопшто не им сметаше на жените да ги набркаат како неподобни. Веднаш потоа, сосема неочекувано и од навидум „необјаснети причини“, се прекина тековен проект на УНФПА, каде корисници повторно беа жените. Ма какви случајности, какви жени, какви деца, кога некој смее да излезе надвор од шинелот на устројството на мрежите во кои доминираат Хера, Маргини, Хелсиншки Комитет! А дали некој изреагира од силните платени родови активисти, големите заштитници на жените, како што се амбасадите или поранешниот министер за Труд и социјална политика Јованка Тренчевска!?

Никој и ништо не направи и тоа е лицемерието што открива за каква идеологија станува збор. Идеологија која е сурова, одмаздољубива и целосно нетолерантна кон секој што ќе се осуди да искаже макар различно мислење од нормираниот наратив. „Слушајте што зборуваме, ама не гледајте што правиме и пратете повеќе пари за проекти.“

Ова особено се гледаше во решенијата на предлог-Законот за родова еднаквост, што беше на јавната расправа во јуни 2023 год., а за што посебно го имам јавно анализирано на расправата, како и во посебно интервју. Но, никој не сакаше да одговори со конкретни аргументи, па полесно беше да се плука без да се одвои ни малку време за да се разгледа што сѐ нуди тој закон.

Законот нудеше одлични „европски“ и, пред сѐ, „демократски“ практики, каде се озаконува цензура во целото општество, се воспоставува надминистерско тело т.н. Секретаријат за родова еднаквост, кој во исто време ќе носи подзаконски акти, ќе биде извршен орган со широки ингеренции во секое друго јавно или приватно тело, ќе врши инспекции, контроли и ќе казнува во целото општество, ќе одговара единствено пред Вицепремиерот, и за влез во него ќе се саморегулира од одбрани луѓе. Притоа, род и родов идентитет ќе може да биде сѐ што на некој ќе му текне и останатите ќе мора да му ги читаат мислите што му текнало, па соодветно да му се обраќаат со „сензитивен“ новоговор, зашто во спротивно – казна! Парите за одржување на таков систем ќе ги даваат приватните фирми за годишни обуки (нова „цицка“ паралелно на државната) и нема „не сакам“. На никој од силните правници тоа не му пречеше (барем да праша каде има такво нешто), зашто веројатно ќе ги изгубеше убавите милиони од странските донатори, па сега од комотна фотелја ќе прават хистерија кон секој што ќе праша „зошто царот е гол“.

Колку за практичен пример: се собрале функционери и активисти од Хера, Маргини, Хелсиншки Комитет, од десетина мажи избираат жена академик за маж на годината и нејзината слика ја „натакнуваат“ на новогодишна елка со пениси во име на некаква демократија!? Па, уште тоа се функционери кои досега редовно плачеа по амбасади, а сега по ново штанцаат претставки, обвинуваат и пресудуваат за дискриминација. Па, нормални ли сте што правите, што си мислите вие дека ве чека??! Ало бре, низ нос ќе ви беше тоа извадено да бевте во Западна Европа, а на друго место и да не зборуваме. Една од нив, сега, е во државна т.н. Комисија за спречување и заштита од дискриминација, па заедно со клапата напикани од Хера, Маргини, Хелсиншки Комитет ќе спречувала дискриминација!?

Ако досега ова се случува без таков закон, можете ли да си замислете што сѐ ќе се случува со таков закон! Ете, тоа е законот што адвокатот на Маргини дојде да го презентира во хотел во Струмица и за што целата клапа од Хера, Маргини, Хелсиншки Комитет го готвеа цели 5 години. Кој не верува, нека отвори на ЕНЕР и нека провери. Е токму затоа имам иницирано и гласано за измени на програмата за еднакви можности на мажите и жените, со што се исфрли родовата идеологија од програмата на Општина Струмица. Барем толку можам да правам притисок врз централната власт како учесник во локалната самоуправа.

Никој нема право со таков закон да влегува во домовите на граѓаните и да регулира со сталинистички методи нешто што не може и не треба да се регулира, како што е некакво самочувство за еден од 100+ родови идентитети. Ако треба да се регулира и казнува по основа на субјективни самочувства, тогаш ова воопшто не ни е потребно. Особено кога станува збор за деца под 18 години и на кои им се натура родовата идеологија уште од предучилишна возраст.

Да не зборуваме за користење на блокатори на пубертет со средства за хемиска кастрација и медицински хируршки интервенции за „промена“ на пол на деца! Зошто да не видиме што се случува во Шведска, Британија, Франција? Дали можеби затоа што Шведска, како една од најлибералните земји со над 50 години практично искуство во медицинско транзитирање, забрани такви процедури, затоа што медицински утврди дека штетноста ја надминува користа и тој пример го следат останати европски држави!?

А на пример, зошто не ја прашате шведската амбасадорка колку родови се правно признаени во шведскиот правен систем, односно зошто во пасошите и личните документи на шведските граѓани има само мажи и жени? Дали можеби Ирена Цветковиќ, со саркастичното повторување седумпати дека „има само мажи и жени“, сака да каже дека Шведска е држава што дискриминира и дека треба да биде осудена на меѓународен суд? Или ќе се согласи дека на тој начин се избегнуваат многу хаотични последици во правниот промет и во општеството преку овозможување недвосмислени права, кои нема да створат забуна и тензии. Ирена Цветковиќ практично поттикнува прогон на трансродови луѓе, затоа што воведува нешто што е крајно антинаучно и неприфатливо за нашиот народ. Па, нели кога ќе се разобличи, баш така се чини?

Ќе повторам дека највисока функција на екологијата е разбирањето на последиците уште пред тие да настанат. Делувањето на Ирена Цветковиќ и нејзините одлично платени и вмрежени другарчиња е штетно по локалната популација на граѓаните од двата пола во Македонија. Дури и паразитите знаат кога треба да престанат, за да не резултира со целосен колапс на домаќинот што ги храни. Доколку не се престане со глупостите што се скапо платени од донатори, тогаш можеби навистина ќе се мобилизираат моќни армии од граѓани, но не за некакви крстоносни походи, туку за криминални истраги, трговија со влијание и злосторничко здружување за наметнување цензура и рушење на граѓанските права и слободи токму од оние што наводно ги застапуваат. Ич да не се лажеме дека им е некакво гајле за жените, децата, ранливите и маргинализирани групи на граѓани…

Ако, на пример, работата стигнала дотаму што писателката на Хари Потер ја брани премиерот на Велика Британија Риши Сунак, наспроти оркестрираното барање за прогон и затворска казна од англиските верзии на Дрндаревска и Цветковиќ, и тоа едноставно за изразување на основни биолошки факти, тогаш можете да замислите што би се случило во Македонија ако се донесеше Законот за родова еднаквост!
Затоа, ич нека не плаче Ирена за тоа кога гледа дека од целото македонско општество се собираат сѐ повеќе противници на нејзините одлично платени и вмрежени другарчиња. Граѓаните низ годините ве прочитаа и полека почнуваат да ве разобличуваат и обелоденуваат какви навистина сте.

Така, сосема заслужено, сѐ повеќе и повеќе, немате никаква поддршка на терен од мажите и жените, без разлика на тоа колку кеш ќе ви донираат од странство и од државниот буџет! Останувате со никаков авторитет, а за брзо време ќе ги изгубите и инсталациите во државните институции… Ама тогаш можеби ќе можете да си побарате повеќе кеш од донаторите додека повторувате „има само мажи и жени“, макар и на шведски јазик?

Колумна на Ѓорги Танушев – советник и претседател на комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Општина Струмица