Зошто во Турција се случуваат толку силни и разорни земјотреси со многу жртви?

Од:

Јужна Турција утринава во 4 часот и 17 минути по локално време беше погодена од катастрофален земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер, кој беше почувствуван на стотина километри, а беше забележан на сеизмографите низ Европа.

Потоа истото подрачје го потресе уште еден силен земјотрес во 13:30 часот, со јачина од околу 7,5 степени според Рихтеровата скала.

Според досегашните информации, загинале повеќе од 2.600 луѓе, но се стравува дека бројот на жртви може да биде многу поголем, можеби дури и десетици илјади. За жал, првиот земјотрес ги затекна повеќето луѓе на спиење.

Епицентарот на првиот земјотрес бил во провинцијата Кахраманмарас на југоистокот од земјата, на околу 60 километри воздушна линија од сириската граница. Во таа област живеат стотици илјади бегалци.

Зошто има толку силни земјотреси во Турција?

Турскиот претседател Таип Ердоган рече дека ова е најголемата катастрофа од земјотресот во 1939 година, кога потрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди земјата во областа на градот Ерзинџан. Во тоа време од земјотресот и неговите последици загинаа околу 33.000 луѓе.

Во Турција разорните земјотреси се случуваат релативно често. Зошто се силни, зошто одземаат толку многу животи и зошто предизвикуваат толку голема штета?

Хрватскиот сеизмолог д-р. Јосип Стипчевиќ од Природно-математичкиот факултет во Загреб вели дека главната причина за сите земјотреси во Турција е тоа што арапската тектонска плоча ја турка помалата анадолска плоча на која лежи Турција.

„Анадолската плоча всушност е стисната помеѓу арапската плоча и големата евроазиска плоча“, вели Стипчевиќ.

„Поголемиот дел од сеизмичката активност во Турција е групирана на два главни раседни системи – северноанадолиски и источноанадолиски раседни системи. Северно-анадолскиот систем е оној за кој почесто слушаме и таму се случуваат големи земјотреси, како што е потресот со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала што се случи во близина на Истанбул во 2019 година и големиот, со јачина од 7,6 степени, во близина на Измит во 1999 година. Источно анадолскиот систем, каде што утринава се случи земјотресот, се наоѓа во источниот дел на Турција, недалеку од границата со Сирија и Ирак“, изјави Стипчевиќ.

Мала разлика во магнитуда подразбира голема разлика во моќноста

Кога се споредуваат магнитудите на земјотресите, треба да се запомни дека скалата е логаритамска, што значи дека секој следен степен на неа укажува на многу поголема разлика во јачината во однос на претходната.

Имено, поради логаритамската основа на магнитудата, секое зголемување за една единица претставува десеткратно зголемување на амплитудата. Во однос на енергијата, која е во тесна корелација со разорната моќ на земјотресот, секое зголемување на единицата магнитуда одговара на зголемување на ослободената енергија за околу 32 пати, а зголемувањето од 0,2 одговара на приближно двојно зголемување на ослободената енергија. Со други зборови, првиот земјотрес со јачина од 7,7 степени е околу двојно посилен од вториот, кој беше со јачина од 7,5 степени.

Областа каде што се случи денешниот земјотрес е сеизмолошки помалку активна од северниот анадолски систем, каде што се случи земјотресот во 1939 година.

На источниот анадолски расед во радиус од 250 километри од земјотресот на 6 февруари 1970 година до денеска се случиле само три земјотреси со магнитуда од 6 или поголема. Најсилниот од нив, со магнитуда 6,7, се случи на 24 јануари 2020 година, североисточно од денешниот.

Јужна Турција и северна Сирија доживеаја повеќе разорни земјотреси во минатото. Сирискиот Алепо бил уништен неколку пати во историјата, иако точните локации и магнитуди на овие земјотреси може само да се проценат. Во 1138 година, Алепо бил погоден од земјотрес со проценета магнитуда од 7,1, а во 1822 година со јачина од 7,0 степени. Бројот на жртвите во вториот се проценува меѓу 20.000 и 60.000.

Стипчевиќ вели дека денешниот земјотрес со јачина од околу 7,8 степени е отприлика најголемиот што може да се очекува на тоа подрачје.

„Тоа е најголемиот земјотрес што е регистриран на тоа подрачје. Поголем немало во последните 1000 години. Земјотресот утринава е со најголема магнитуда што може да се очекува на двата раседи во Турција. Се случи на должина на расед од околу 200 километри, што е приближно растојание како од Загреб до Славонски Брод“, вели хрватскиот експерт.

Разорен тип на расед

Една од причините што силните земјотреси во Турција се разорни е типот на главните раседи.

„Кај раседите во Турција нема подвлекување на тектонските плочи една под друга, туку се лизгаат една до друга. Ова е сличен механизам за потреси како тој што се случи во Петриња. Тоа се таканаречени раседи со хоризонтално поместување или на англиски strike-slip. Земјотреси во нив настануваат затоа што двете крила на расед се лизгаат едно до друго. Во Турција, ова придвижување на една плоча до друга има размер од околу 20 mm годишно. Ова е значително повеќе од во Хрватска, каде има движења од 3 до 4 мм годишно“, вели Стипчевиќ.

„Две крила на раседот поради делувањето на тектонските сили се движат релативно едно во однос на друго, но поради триење често се заглавуваат и се акумулира енергија. Кога акумулираната енергија ќе го надмине внатрешното триење, таа пука и се ослободува енергија. Во најголем дел се ослободува како топлина, а во помала мера како земјотрес. Раседите со хоризонтално поместување често се среќаваат на копно во близина на населени места“, објаснува Стипчевиќ.

Земјотресите се случуваат релативно често во Турција, така што сите се свесни за тоа. Меѓутоа, таму има многу стари градби кои не биле направени за силни земјотреси.

„Посебен проблем е што има многу градови во близина на тој расед на источна Анадолија. Тоа е многу густо населено подрачје. Многу е тешко таму да се изградат отпорни згради кога раседот ќе помине блиску до градот. Поради ова се случуваат големи штети, дури и солидно да се гради. Во јужна Турција делува комбинација од недоволно квалитетна градба и близината на големите градови. За жал мислам дека може да се очекуваат многу лоши вести. Првите проценки велат дека околу 200 км раседи се ослободени и дека многу згради се урнати. Во исто време, првиот земјотрес се случи среде ноќ, додека сите беа дома. Се плашам дека вестите ќе бидат лоши“, рече Стипчевиќ.

Најсилните земјотреси се случуваат кога плочите се подвлекуваат една под друга

Најсилните земјотреси се случуваат во зоните на субдукција, односно кога една плоча ќе се подвлече под друга. Ова се случува на места каде што океанската плоча се спушта под друга океанска или континентална плоча.

„Ова се мегаземјотреси кои можат да имаат магнитуди поголеми од 8,5 степени. Кај раседите со хоризонтално поместување, генерално се очекува најголемите земјотреси да бидат како оној што се случи утринава во источна Турција. Имало и поголеми во светот, но главно е од таа големина“, вели Стипчевиќ.

Но, субдукционите земјотреси најчесто се случуваат во океаните, а strike-slip земјотресите се случуваат на копно, често во населени области, поради што одземаат многу животи.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Турција

Земјотрес во Турција

Силен земјотрес во Турција

Горан Наумовски

Силен земјотрес ја погоди Турција

Силен земјотрес во Турција

Силен земјотрес го погоди Кушадаси